Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митинг порача дека неговата партија ги стопира сите напади кон Левица и ЗНАМ.
-Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум во нападите кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ но, и како моја обврска да се обидам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога таа и е најпотребна на Македонија. Со Левица и Знам имаме свои разлики. По повеќе прашања и од идеолошка но и од принципиелна природа, но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние кои ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните, кажа Мицкоски од Охрид на почетокот на кампањата за парламентарни избори.
-Со овие избори завршува една политичка етапа на корумпирани политичари кои ја злоупотребија довербата на граѓаните и дозволија ДУИ да ја киднапира и украде Македонија од рацете на народот, додал Мицкоски.
Лидерот на опозицијата се обрати и до СДСМ.
-Замислете како размислуваат за иднината на Македонија. Нив не ги интересира иднината на државата, туку иднината на нивните фотелји. Дури им ветиле на ДУИ дека наместо 50 отсто од државните институции, како досега, СДСМ ќе се задоволи со 30 отсто од нив, а ДУИ и другите партии ќе земат до 70 отсто, навел Мицкоски.
Тој посочи и дека нивната амбиција е во еден момент да се работи на минимум 500 точки, на 500 локации низ цела држава. Мицкоски додаде дека нема да бидат влада само онаму каде што има градоначалници од нивната партија туку ќе бидат влада за сите граѓани.
Парламентарните избори ќе се одржат на 8-ми мај.