Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски реагира на предизборната кампања на СДСМ. Вели дека е валкана.
-СДС практично во очај, немајќи што да понуди на граѓаните, мислејќи дека на ваков начин со лажна и валкана кампања ќе нанесат штета и врз мене и врз идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова, истакна Мицкоски за време на работната посета на Виена.
Тој додаде: „Откако практично се прифатија, откако практично зададоа жесток удар врз македонскиот идентитет неколку пати во изминативе години, откако не само што ја понижија и ограбија Македонија тие направија нешто кое следните генерации ќе треба да го исправат и сега наместо да бидат свесни за сето тоа што го направија и да направат чекор назад и да се обидат преку некаква позитивна кампања да привлечат глас повеќе, ако може, тие се обидуваат со една ваква ниска лажлива кампања да добијат некој поен повеќе, но нема да добијат“.
Мицкоски истакна дека лажните извештаи се од луѓе кои за неколку недели од сега нема да бидат таму каде што се, но им порача нека продолжат со таа лажна кампања, со ниско ниво, а ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи достоинствено и секаде особено надвор да се бори за Македонија.
-Ќе продолжиме да се бориме и во рамките на ЕПП и овде во Австрија и претходно во Франција, Швајцарија и насекаде во светот ќе продолжиме да се бориме за македонските национални интереси. Ќе продолжиме да се бориме да обезбедиме подобар живот за македонските граѓани, за иднината на Македонија како држава, затоа што ние сме ВМРО-ДПМНЕ и ние сме различни од СДС, а граѓаните може да направат разлика и да донесат заклучок, нагласи тој.