Мицкоски: Ова е историска победа, ќе одговараат до последниот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва одржа прес-конференција каде што објави голема победа и на парламентарните и на претседателските избори.

-Успеавме, успеавте. Македонија победи. Историска победа на народот. Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Србите, на Власите, на муслиманите, атеистите, на гордиот народ. Падна владата, и има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, одземената држава, тендерите, непотизмот, и уште 100 други последици кои направија државата да страда, а народот да е разочаран. Вечерва конечно се поразени, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека се поразени предавствата на СДСМ и најави дека ДУИ конечно оди во опозиција.

-Поразени се и предавствата, поделбите, тие 100 луѓе од ДУИ и СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи. Нив денеска ги боли главата, има и зошто. Ќе одговараат до последниот, секој кој направил криминал и спровел корупција, одговорност мора да има која ќе се темели на правда и закони. Поразен е и бојкотот на ДУИ. Ова на нашата победа дава посебно задоволство. Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи, и преку институции да се штитат себе си. А, ДУИ покажа дека се партија која најмалку се грижи за Македонија, и се им се удри во глава. Време е со СДСМ да одат во опозиција. Народот им одржа лекција и си ја врати државата. Македонија ќе има иднина која ќе се темели на вредност и надеж. Вечерва има причина за славје. Го паметам секое ветување, и ќе дадам последен атом од моите сили да се оствари и да не го разочараме народот. Вечерва се покажа дека нема Македонија на ДУИ, нема Македонија на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, или било која политичка партија, има само една вечна, независна и слободна Македонија, потенцира тој.

Мицкоски најави дека за брзо време ќе почнат преговори со партиите за формирање влада.

– Уверен сум дека ќе ја формираме оваа влада во најкус можен рок, рече тој.

Тој најави дека утре претпладне ќе одржи состанок на кој ќе се утврдат принципите од кои нема да отстапат при формирањето на новата влада.

– Ќе го направиме овој мандат нешто што ќе се памети со генерации. Да бидеме пример за сите идни генерации – додаде Мицкоски и додаде дека во текот на денот се слушнал со Изет Меџити, Билал Касами и со Арбен Таравари.

Мицкоски најави разговори со сите партии за да се види која точка на поврзување ќе ја имаат, што не значи дека ќе бидат дел од владината коалиција.

 

Претходна вестДИК со проекции по пребројани 85,66 отсто од избирачите: ВМРО-ДПМНЕ 59 пратеници, СДСМ 19, ДУИ 18, „Вреди“ 13…
Следна вестВремето денес променливо облачно и нестабилно, наместа со пороен дожд и грмежи