Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за бирање на претседател во Собранието е поради отсуство на други идеи и корисни проекти. Според него, ова е лесен дефокус за градење на тема, која ќе биде искористена во изборната кампањата.
-Јас мислам дека треба да се игнорира. Прво, не се фактор за да градат ваква тема и мислам дека не треба да се фаќаме како јавност на јадицата. Второт, дури и самата дрскост за такво нешто и тоа да се поврзе со уцена, претставува недржавен чин за партија која што сака да се претстави како државотворна и која 22 години е дел од власт, кажа Мицкоски при посетата на општина Гази Баба.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се осврна и на претходните претседателски избори кои се одржаа во 2019 година.
-Можевме и ние како раководство да излеземе со уцена на изборите во 2019 година меѓу двата круга, но не го направивме затоа што на политичката сцена постои ВМРО-ДПМНЕ и сите останати. Ова е обичен дефокус од политичари кои не се фактор и кои за брзо ќе бидат пратени во политичка пензија, додаде Мицкоски.