Во Брисел ќе ја пренесеме фрустрацијата на македонските граѓани околу патот кон ЕУ, изјави денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Тој денеска одговараше на новинарски прашања на настанот по повод започнување на доградба на ООУ „Блаже Конески” во Општина Аеродром.
-Не патувам таму за да го презентирам планот, туку на дневен ред е Планот за раст. Ќе имам работен ручек со старо-новата претседателка на ЕК, Фон Дер Лајен. Доколку стане збор за евроинтегративниот процес, јас сум тој што треба д аги брани и одбрани нашите македонски национални интереси. Сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонски граѓани, да ја пренесеме таму – таа е голема и огромна. Повеќе од деценија и пол, не сме во можност да почнеме преговори со ЕУ оти има вештачки наметнати пречки кои ниту една земја ги немала, како што ги имаме ние – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски најавувајќи ја неговата посета на Брисел и преставувањето на т.н. француски предлог плус за уставни измени со одложено дејство.
Премиерот го повтори својот став дека „доста беа порази и политики и дипломатија на свиткана кичма и бакнување на чевли“.
-Сакаме да зборуваме за вредности, за почитување на човекови права и да знаеме дека како што ни беше ветувано во 2018 година дека за 3-4-5 години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе биделе дел од ЕУ. Сето останато се приказни и замки на кои немам намера да наседнувам, рече Мицкоски.