Мицкоски: Во јули немаше ниту еден сантиметар квадратен асфалт, а денеска гледаме цела делница

Премиерот Христијан Мицкоски на свечената церемонија на официјално пуштање на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка им се заблагодари на работниците кои деноноќно работеа на изградбата на експересниот пат на коридорот 8 во должина од 25,4 километри, како и на вработените во Јавното претпријатие за државни патишта и на директорот Коце Трајановски кој редовно го известувал за текот на градежните работи.

-Во јули немаше ниту еден сантиметар квадратен асфалт, а денеска гледаме цела делница. Ви честитам и нека е со среќа користењето на овој пат, рече Мицкоски нагласувајќи дека интензивната изградба се должи на залагањата на потпретседателот на владата и министер за транспорт Александар Николоски како и на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за тимската работа.

Тој се осврна и на денешната реакција на екс министерот за транспорт Благој Бочварски кој нагласи дека експресниот пат Страцин – Крива Паланка е проект на СДСМ и тие се горди сме што е завршен.

-Овој проект беше започнат од СДСМ во 2018 година и над 90% беше веќе реализиран до средината на 2024 година. Станува збор за стратешки проект, стратешка инвестиција која е многу важна за развојот на североисточниот регион и значително ќе придонесе за подобрување на поврзаноста, за економскиот раст и развој, како и за квалитетот на живот на граѓаните на Крива Паланка и околината. Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ овој пат можеше многу порано да се заврши во текот на 2024 година, рече Бочварски.

Мицкоски од говорницата поставена на новоизградената делница по која од Крива Паланка до Куманово ќе се патува за 40 минути, одговори на овие обвинувања и нагласи дека се обид за политичка промоција на СДСМ и ги повика да им се извинат на граѓаните што не успеале да го завршат во својот мандат

-Не знам што ги блокираше ВМРО-ДПМНЕ да стават барем еден сантиметар асфалт. И наместо да им се извинат на граѓаните што не успеаја во изминативе 6 години тоа да го направат тие денеска потрчаа да соберат политички поени. Сакам да им кажам да граѓаните коишто ќе го користат овој пат дека ова не е пат ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на било која друга политичка опција, ова е пат на граѓаните и ова е пат којшто ќе остане за граѓаните и тие се тие коишто го користат, порача премиерот.

Изградбата почна во мај 2018 година, а вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска Банка, а останатите се грант средства во висина од 13,50 милиони евра.

-Кредитот којшто е добиен од страна на финансиските институции ќе биде враќан од парите на граѓантие и затоа нема никој право да го присвојува и никој нема право да кажува дека ова е негов пат. Ова е ваш пат, на граѓаните и да си го користите и аирлија нека е, нагласи премиерот Мицкоски.

Министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски оцени дека овој патен правец е витална артерија за поврзување со Бугарија и посака да се развиваат нови индустриски капацитети и да заживее источниот дел од државата.

Експресниот пат се градеше во две фази и тоа: Лот 1 делница, Длабочица – Страцин (Чатал) во должина од 15.55 километри за која беа инвестирани 43,75 милиони евра, финансиран со средства од Светска Банка и грант средства, и Лот 2 делница, Крива Паланка – Длабочица во должина од 10 километри за која се инвестирани 50,54 милиони евра од Светска Банка и грант средства.

Изведувач на работите на Длабочица-Чатал првично беше италијанската „Tirrena Scavi“ но поради слабиот прогрес договорот беше раскинат и работите ги продолжи Страбаг, а втората делница ја градеше „Гранит“. Надзорот над двете делници го вршеше ДИВИ Македонија.

Претходна вестОд Крива Паланка до Куманово ќе се патува за 40 минути, пуштен експресниот пат Крива Паланка-Страцин
Следна вестКазни до 20 илјади евра за нефер трговски практики, најави Ристески