Темен режим Режим на светлина

Казни до 20 илјади евра за нефер трговски практики, најави Ристески

Ако пронајде договори за нефер трговски практики, обновената Комисија за заштита на конкуренцијата може да казнува и до 20 илјади евра, порача заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, посочувајќи дека Законот за нефер трговски практики почнува да се применува од почетокот на годинава.

-Законот за нефер трговски практики е во функција според директивата на ЕУ од 28 септември, но казните почнаа да се применуваат од почетокот на годинава. До крајот на минатата година процесот се следеше со мониторинг, а сега се на сила паричните казни, рече заменик-министерот.

Според него, Комисијата ќе ги проверува сите договори склучени меѓу производителите, добавувачите и трговците и онаму каде ќе бидат неправилности казните се до 20 илјади евра.

Со Законот се опфатени 2 546 производи по тарифен број, а претходно се утврдени 26 нефер трговски практики.

Ристески вели дека контролата ќе биде строга, но и дека Комисијата ќе може да влезе во фирмите и да ги проверува договорите по дојава. Ефектот, според него, е на подолг рок со стабилизација на цените.

-Рабатот е ограничен на 10 отсто во текот на годината. Тоа ќе создаде еден ред во работата со трговските практики каде рабатите биле големи и до 35-40 отсто, вели тој.

Законот е од голема важност, како што вели заменик-министерот, зашто за првпат се спроведува во државата и е под директива на Европската Унија и треба да биде пример и за другите држави на Западен Балкан.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Мицкоски: Во јули немаше ниту еден сантиметар квадратен асфалт, а денеска гледаме цела делница

Следна објава

Тетовци лани 94 денови дишеле загаден воздух