Повеќе од 550 лица се приведени на демонстрациите по повод 1 Мај во Истанбул, при што на одредени места дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, а органите на редот употребија солзавец и водени топови, јавија турските и странските медиуми.
Според податоците на турското Здружение на правници, има најмалку 550 приведени на денешните демонстрации во Истанбул.
Претходно, весникот „Бирѓун“ објави дека вкупно 57 членови на турската левичарска Партија за народно ослободување биле приведени од полицијата при обид да одржат маршеви во областа на плоштадот Таксим и во блискиот истанбулски кварт Меџидијекој.
Снимките емитувани на опозицискиот канал Халк ТВ, исто така, го покажуваат претседателот на Турската работничка партија, Еркан Баш, како е испрскан со бибер-спреј.
– Оние на власт веќе зборуваат 365 дена во годината, па работниците нека зборуваат барем еден ден во годината за тешкотиите со кои се соочуваат – рече тој во говор на протестот кој оваа година се одржуваше под слоганот „Леб. Мир. Слобода“.
Весникот Хаберлер објави за други речиси 100 приведени во Меџидијекој и за употреба на солзавец и водени топови против демонстрантите таму. Медиумот истакна дека меѓу оние кои биле изложени на солзавец бил и претседателот на Турската работничка партија, Еркан Баш.
Турските власти вчера воведоа 24-часовна забрана за секакви собири, прес-конференции и маршеви по повод 1 Мај во истанбулските квартови Бејоглу, Шишли, Фатих и Бешикташ, додека во областа на плоштадот Таксим беа воведени сериозни сообраќајни ограничувања.
Полициското присуство во реонот денеска беше засилено, а на многу места се поставени метални огради кои го ограничуваат движењето, забележува „Бирѓун“. Турската полиција употребила вкупно 35.000 камери за да ја контролира ситуацијата.


