Мицкоски: Заклетвата ќе ја дадам со уставното име кое ќе го користам и при посетите во странство

Уставното име на државата е јасно и не треба да имаме двојни стандарди да се чувствуваме пред граѓаните неодговорно или да ги доведуваме во заблуда, се знае кое е уставното име – тоа е со придавката, изјави синоќа Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада.

Тој во интервју за ТВ  Сител рече дека во заклетвата што ќе ја даде идната влада ќе го користи новото уставно име на државата исто како и при посетите во странство.

– Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно. Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија, изјави Мицкоски.

На прашањето – што да очекуваат граѓаните, на која држава ќе биде премиер Христијан Мицкоски и што ќе каже во заклетвата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори:

-Па, уставното име на држава, јасно, не треба тука ние сега да имаме двојни стандарди и да се чувствуваме пред граѓаните неодговорни или, пак, граѓаните да ги доведуваме во заблуда. Се знае, уставното име е со придавката и логично е, Деловникот за работа на парламентот е променет, а во самиот Деловник е содржана заклетвата. Се разбира дека ќе го кажам уставното име на државата, не гледам друг начин како да се каже таа заклетва за да не биде понатаму главна тема. Сакам да ја затворам таа тема бидејќи нас нѐ очекуваат реформи, нѐ очекуваат подобри времиња за Македонија. Инаку, како што кажав во минатото, така ќе кажам и во вашата емисија, дека при моите изјави во Македонија, при моите говори, секогаш јас ќе си го користам името Македонија како име на мојата татковина и тука не треба да имаме дилема. Тука немам намера да правам компромиси бидејќи тоа е моето загарантирано човеково право.

Според него, случајот со заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кога таа не го изговори уставното име на државата, туку рече Македонија, е поинаков бидејќи таа заклетва била содржана во Изборниот законик кој, пак, за разлика од Деловникот, не е променет.

-Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а ние да не ги почитуваме. Колку и да не се согласуваме со некои делови од нив, ние да мислиме дека тоа може да биде поразлично, подобро, повеќе чувствително итн., суштината е дека ние како влада мораме да ги почитуваме. Таков е новиот Деловник за работа во парламентот, заклетвата е јасно дефинирана со Деловникот и тука нема простор за импровизации. Друго беше заклетвата на претседателката. Заклетвата е содржана во друг закон, тоа е Изборниот законик и тој не е променет, таму стои Република Македонија. Тоа се сосема два различни правни документа. Не ми е драго што ќе ја кажам таа придавка, но тоа е законот. Тоа ќе биде мојот начин на однесување, согласно законот и согласно Уставот сѐ додека тие важат како такви, рече Мицкоски.

На прашањето дали во странство ќе користи термини какви што користи претседателката од типот „нашата држава“ и „нашата земја“, не спомнувајќи го името на државата, Мицкоски беше дециден дека ќе го користи уставното име.

-Апсолутно, тука не треба да има никаква дилема. Уставното име е уставно име, дали ние се сложуваме со тоа – не се сложуваме, дали ни е драго – не ни е драго, но тоа е уставно име на државата, а при давање изјави, мое лично право е како јас ќе ја наречам мојата држава, изјави Мицкоски додавајќи дека очекува добрососедски односи со Грција, односи на партнери, на сојузници „бидејќи сме заедно во НАТО-алијансата“.

Претходна вестПутин во Северна Кореја за прв пат по 24 години, започнаа разговорите со Ким Џонг-ун
Следна вестНад 400 основци од Гази Баба заминаа на бесплатен летен камп