Мицотакис му одговори на Мицкоски: Кога некој е избран за премиер не е замисливо да вели дека „индивидуално се идентификувам како Македонец но официјалното името на мојата земја е Северна Македонија“

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера во интервју за државната телевизија „ЕРТ“ истакнал дека со неговиот македонски колега за првпат ќе се соочат на НАТО Самитот во јули во Вашингтон. Тој потсетил дека Договорот од Преспа и името Северна Македонија, ерга омнес, за сите, беше основниот предуслов Северна Македонија да влезе во НАТО. Вчера, познато е, мандатарот за составот на новата македонска влада Христијан Мицкоски го повторил ставот дека негово човеково право е да го користи името Македонија и придавката „македонски“, но и дека ќе го почитува Преспанскиот договор.

-Според тоа, сметам дека е незамисливо Северна Македонија да дојде на своето прво учество со своето ново раководство и да го доведе во прашање договорот од Преспа во однос на името. Ќе се најде во многу непријатна положба ако постојано ги кажува истите работи што ги кажува, рекол Мицотакис во интервјуто.

Како што додал, „Мицкоски може да се најде во непријатна позиција“.

-Затоа што, да повторам – дека кога некој е избран за премиер, нема индивидуален статус на премиер – тоа е институционално тело. Тој говори претставувајќи ја својата земја. Значи, не е замисливо да вели дека „индивидуално се идентификувам како Македонец и ќе ја користам оваа терминологија, но официјалното името на мојата земја е Северна Македонија“. Тоа не се сериозни работи. Ги очекувам официјалните изјави на премиерот, кажал Мицотакис.

На прашањето на новинарот дали размислува за употреба на вето врз европскиот пат на Македонија, претседателот на грчката влада потенцирал дека не станува збор за вето, туку за разбирање кон Северна Македонија, „со која успеавме да изградиме и имаме добри односи и го поддржуваме патот кон Европа, и покрај нашата резервираност за Договорот од Преспа поради македонската националност и македонскиот јазик“

-Мислам дека Северна Македонија не замислува дека може да преземе чекори кон Европа, отворајќи нов, непотребен фронт со Грција. Мислам дека се подразбира дека она што го кажувам и мислам и се надевам дека ќе биде сфатено со апсолутна јасност во Скопје, бидејќи тоа навистина е непотребна, би рекол, димензија што ги комплицира односите меѓу двете држави, што навистина мислам дека не е од корист пред сè и над сè за самите граѓани на Северна Македонија, посочил Мицотакис.

Претходна вестПред пратениците предлог-законот за трансформирање и зголемување на бројот на министерства
Следна вестБугарија в недела повторно на предвремени избори