Милевски: Одлични тестови за да ги видиме нашите можности

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски вели дека пријателските мечеви против Финска и Азербејџан ќе бидат добра подготовка за квалификациите кои почнуваат во март.

Македонија утре со почеток од 18 часот ја пречекува Финска, а во недела игра против Азербејџан. Двата натпревари се играат на Националната Арена „Филип Втори“.
-Лигата на нации е зад нас, затворена приказна, а сѐ што нѐ чека во иднина сега е актуелно со овие два меча, кои се последна подготовка за квалификациите од март. Ќе пробаме некои различни варијанти, кои ќе ни бидат во функција за тоа што не чека. Затоа и барав квалитетни селекции какви што се Финска и Азербејџан. Финска има супер-тим, не случајно е во втор шешир и точно ќе ни дојде како насока и правец што би требало да се смени или да се задржи за групата во квалификациите. Затоа ни требаат овие контроли, вели Милевски.
– Имаме доста отсутни и се надевам дека тоа ќе се смени за март. Секако дека ќе има некои промени во делот околу подобрување на реализацијата, што ни покажаа последните мечеви. Освен реализацијата, сѐ друго беше добро и оваа селекција не може да влезе во дупка. Поразите се порази тоа е факт, но не гледам причина за друго. За два влеземе во ‘дупка’ е нешто ако сте немоќни на терен, што не се случило, а овие фудбалери имаат карактер кој не им дозволува да бидат надиграни, а не повеќе. И мислам дека овие мечеви ќе покажат со каков потенцијал ќе влеземе во следните квалификации. Нема фудбалер кој не сака да победи, а посебно не членови на репрезентација и мотивот на на највисоко ниво без оглед на заморот. Кога се облекува националниот дрес, сѐ друго е на страна.
Капитенот Стефан Ристовски вели дека заморот е присутен, но репрезентативниот дрес е светост и мора да се одигра максимално.
– Дали чувствуваме замор од сезоната? Да, особено јас во Динамо имав многу натпревари почнувајќи од јуни. Но, можеби за некои играчи кои имаат слаба минутажа ќе дојдат добро. Не треба да бараме алиби, треба сите да сонуваат да играат за репрезентацијата која е светост. Овие два натпревари треба да ги одработиме на најпрофесионален начин и верувам дека тоа ќе го направиме, вели Ристовски.
– Приоритет на секој играч е да се победи, особено кога се игра за репрезентацијата. Не познавам некој играч кои сака само да впише минутажа. Без разлика на минатите резултати, секој меч ни е добродојден и низ вакви натпревари да се крене самодовербата. Многу е лесно да се изгуби самодоверба, но тешко е да ја добиеш. Затоа се потребни вакви натпревари.
Претходна вестКина не сопира: Направи воз што лебди 10 метри над земјата
Следна вестОдзела картичка од пациент и си пазарела со неа