Итроштините на Заев малку да го задоволи егото на клиентот, а малку да го ублажи срамот пред американците, па Фрчкоски да го седне во амбасадорското столче на Ист Ривер, се провидни, истакнува денеска преку Фејсбук Антонијо Милошоски откако вчера беше посочено Љубомир Фрчковски е кандидат за македонски амбасадор во ОН. Пратеникот и претседател на собраниската Комисијата за надворешна политика, Милошоски, потенцира дека ќе влоќи максимални напори Фрчкоски да не замине во Њујорк.
Неговото пишување го пренесуваме во целост:
-Фрчкоски е кандидат за македонски амбасадор во ОН. Колку ни е лошо организирана дипломатијата говори самиот факт што три години Македонија е без амбасадор во Вашингтон. Американската дипломатска кота е празна заради личните пазарења на премиерот со амбасадорските позиции, во случајов компензација од Заев кон Фрчкоски, како оддолжување за неговиот придонес кон “ликот и делото” на премиерот. Таквото тргување со амбасадорската позиција во САД не’ доведе до понижувачка ситуација во март оваа година, кога висок претставник на Стејт Департментот лично му се јавил на Заев со став дека Вашингтон нема да даде согласност за владината одлука за номинација на Фрчкоски за амбасадор во Америка. Во присуство на уште еден државен функционер, Заев, за лошиот амбасадорски избор морал да се правда на уште полош англиски.
Но, во дипломатијата, кандидат за амбасадор кој не добил агреман од Вашингтон, по автоматизам се подразбира дека е неупотреблив како дипломат на територијата на С.А.Д. Итроштините на Заев малку да го задоволи егото на клиентот, а малку да го ублажи срамот пред американците, па Фрчкоски да го седне во амбасадорското столче на Ист Ривер, се провидни бидејќи седиштето на О.Н. сепак е во Њујорк, на територијата на Америка. Дополнително, САД се една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и амбасадор кој бил непожелен во Вашингтон ќе има и сериозен хендикеп во дипломатската активност во Њујорк. Во ООН постои и дипломатски НАТО-клуб каде амбасадорите на земјите членки имаат редовна координација, а со персона како Фрчкоски и овој битен дипломатски кружок би останал неискористен.
Од она што во МНР го има како архивска меморија преку дописите од мисијата на Македонија при ООН, од 1993 година до денес не е забележан случај амбасадор на било која држава, кој бил одбиен за агреман во Вашингтон потоа да биде испратен за амбасадор во Обединетите Нации. Ниту држави како Танзанија која е хибриден режим, не си дозволуваат вакви дипломатски екскурзии во односите со САД.
Очигледно, МНР Османи одбрал да не биде коректив на лошата одлука на Заев, после одбивањето од Вашингтон, Фрчкоски да биде номиниран за амбасадор во Обединетите Нации. Но, кога владата и МНР носат лоши решенија за угледот на македонската дипломатија, тогаш должност на Собранието е да биде коректив на извршната власт. Затоа, согласно Деловникот, како претседател на Комисијата за надворешна политика, ќе вложам максимални напори во Њујорк да не дозволиме да не’ претставува амбасадор кој бил оценет за непожелен од страна на САД, како земја домаќин на ООН, напишал пратеникот Милошоски.