Катедра на ромски јазик на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, културни центри во Скопје и во четири други поважни градови, 30.000 граматики, буквари и исто толку речници на ромски јазик, се само дел од барањата што денеска ги соопшти министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу, по повод Меѓународниот ден на ромскиот јазик.
Во изјава за медиумите, Салиу рече дека очекува вистинско институционално системско решение за Ромите во однос на јазикот.
– Она што го очекувам, како дел од новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, е да се издадат 30.000 граматики, 30.000 букварчиња, 30.000 речници на ромски јазик, како би можеле да ги поделиме во секоја ромска фамилија, рече Салиу.
Според Салиу, потребно е да се формира катедра на ромски јазик при УКИМ,да има квалитетни наставници и професори кои ќе предаваат ромски јазик во основните и средните училишта, како и вклучување на ромскиот јазик како задолжителен во основното и средното образование.
Салиу се надева дека со Буџетот за 2025 година ќе бидат одвоени доволно средства за образование и изучување на ромскиот јазик.
И премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека ромскиот јазик е потсетник дека мораме да го зачуваме и негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива. Мицкоски рече дека образованието не треба да биде привилегија и дека тоа треба да биде право достапно за секој млад човек, без разлика на неговото потекло, економска состојба или етничка припадност. Нивна задача како влада е да изградат систем кој ќе овозможи квалитетно и достапно образование за сите.
-Ромскиот јазик е многу повеќе од само средство за комуникација. Тој е симбол на идентификација, на култура и на единството на ромската заедница низ целиот свет. Преку него се пренесуваат приказни, обичаи, песни и танци, кои се одржуваат од генерација на генерација. Јазикот е она што ја врзува една заедница, што и дава чувство на припадност и ја одржува нејзината автентичност, рече Христијан Мицкоски.
Светскиот ден на ромскиот јазик ги промовира ромскиот јазик, култура и образование. Се слави на 5 ноември, а УНЕСКО го прогласи за Светски ден во 2015 година. Од 2018, 16 земји членки на Советот на Европа го имаат признаено ромскиот јазик како малцински јазик според Европската повелба за регионални или малцински јазици.