Министерот е радосен: Шестооделенците добиваат учебници

Конечно шестоодделенците почнаа да добиваат учебници. Наместо во септември тие пристигаат во октомври. Така барем најави министерот за образование Јетон Шаќири.

-Ме радува фактот дека денеска во дел од училиштата има достава на учебници за шесто одделение која ќе продолжи тековно утре, задутре и до крајот на неделата очекувам сите учебници да се достават. Во зависност од тоа ќе побарам од економскиот оператор да има и во сабота, ако треба и во недела достава за да се заврши и сите одобрени учебници да се достават кај учениците, рече министерот Шаќири и не прецизираше колку од учебниците ќе добијат шестоодделенците кои ја почнаа учебната година без ниту еден учебник.

Учебната година без ниту еден учебник ја почнаа и третоодделенците, но министерот Шаќири кај себе не гледа одговорност оти постапките кои доцнеле не зависеле од него.

-Секој одобрен учебник што доаѓа од Националната комисија за учебници, што ги има завршено сите законски постапки ако има задоцнување од страна на Министерството, тука е делот за одговорност на министерот. Сите учебници што се одобрени се веднаш од страна на педагошка служба дадени со договор за печатење. Одговорност заради тоа што одреден учебник има жалбени постапки кои не зависат од министерот, има жалбени постапки од страната на авторите, има жалбени постапки во постапката не може да се бара, рече министерот Шаќири.

Тој денес извести дека овој септември биле доставени повеќе од 80 % од учебниците во училиштата. За првпат по десет години се доставуваат учебници во гимназиското образование, по повеќе од 13 години достава има и во стручното образование.

Инаку, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација минатиот месец утврди, дека наспроти препораката од нив, Министерството дозволило учебната година да почне без 43 учебници од вкупно 126, односно недостасувале 34% од учебниците. Со комплет учебници, Комисијата утврди дека годинава ја почнале само прво и второ одделение. Бидејќи Министерството за образование не успеало да го отстрани недостатокот од учебници, констатиран во мај, годинава, а поради огромниот број дискриминирани ученици, Комисијата за првпат најави тужба за Министерството и останатите одговорни институции.

Претходна вестДруштвото „Илинден“ бара албанските власти да го прогласат Виктор Стојанов за непожелна личност
Следна вестДецата збеснуваат, ученик им се заканувал на соученици со лажен пиштол во Чачак