Министерот Сали: Хемофилтрацијата во „Жан Митрев“ се користела како „волшебен“ третман

Хемофилтрацијата во клиниката „Жан Митрев“  се користела како „волшебен“ третман за каков било проблем во организмот, изјави министерот за здравство Беким Сали. Во настапот во подкастот „Разговор во Редакција“ во ИРЛ тој рече дека сепак треба да се се почека на наод на комисијата којашто го истражува случајот.

– Стручна комисија ќе даде финално објаснување кога се користел методот, врз основа на документи, рече Сали.

Министерот смета дека не треба да се користи зборот „експеримент“ кој е „тежок збор“, и јавноста „не треба да биде лошо насочена“.

Вчера од клиниката „Жан Митрев“ порачаа дека ги охрабруваат сите инспекциски органи да ги извршат потребните контроли. Оттаму наведуваат дека во Клиничката болница „Жан Митрев“ Скопје не се вршени клинички испитувања, а објавената публикација не е и не може да претставува клиничко испитување. Всушност, станува збор за научен труд со сублимирани лабораториски резултати и искуства од употреба на оваа метода за лекување.

-Клиничко испитување на медицинските средства претставува откривање, односно потврдување на безбедноста на медицинските средства, нивната корисност и усогласеност со општите и посебните услови во согласност со намената дефинирана од страна на производителот, а спонзорот на клиничкото испитување или неговиот овластен претставник е должен да го пријави клиничкото испитување во Малмед. Во овој контекст, Клиничка болница „Жан Митрев“ – Скопје ниту вршела проверка на безбедноста на медицинското средство за хемофилтрација (бидејќи тоа е обврска на производителот на медицинското средство), ниту пак е спонзор или овластен претставник за да може да пријавува, да бара или добива дозволи за вршење на клинички испитувања, се наведува во соопштението.

Тие објаснуваат дека употребата на медицинското средство за хемофилтрација е начин на лекување, а секоја употреба на медицинско средство не е и не може да претставува клиничко испитување.

-Пред се, ние лекувавме пациенти од последиците предизвикани од Ковид-19 вирусот со сите дозволени ресурси, меѓудругото и со помош на хемофилтрација -метода која е меѓународно сертифицирана. За употребата на ова медицинско средство (филтри), Клиничката болница „Жан Митрев“ – Скопје има соодветни дозволи и одобренија од страна на надлежните органи, кои ги набавила како купувач согласно склучен договор за купопродажба, и ги употребувала како купувач – за лекување, а не како спонзор, наведуваат од Клиниката.

Според договорот за купопродажба на медицинското средство, Клиничката болница Жан Митрев Скопје не е определена како истражувачки центар, за што е потребно да има посебен договор со продавачот за клиничко испитување согласно соодветниот Правилник од Министерството за здравство, ниту пак е овластен подносител на пријава за клиничко испитување согласно законските прописи. Од продавачот на медицинското средство (апаратот) на Клиничката болница Жан Митрев Скопје му е предадено и Решение со кое се дозволува продажба и користење на тоа средство, што подразбира дека продавачот/производителот обезбедил соодветен документ за сообразност.

-Оттаму, Клиничката болница „Жан Митрев“ – Скопје како и другите здравствени установи кои купиле и користат вакво средство не се надлежни да вршат било какво испитување на ова средство чија употреба претходно веќе ја одобрил надлежен државен орган. Потенцираме дека податоците извадени од веб-страници во други дражви и други здравствени системи не се предвидени како доказ дека се врши клиничко испитување според прописите за клиничко испитување во РСМ. Без оглед на тоа како некој сака да ги толкува нашите објавени стручни трудови и споделени искуства од лекување, тоа не претставува системско клиничко испитување, се потенцира во информацијата.

Во однос на интрахоспиталните инфекции (ИХИ) се наведува дека Клиничка болница „Жан Митрев“ – Скопје, ги исполнува сите пропишани обврски за заштита на населението од заразни болести во однос на ИХИ.

Претходна вестТрагична забава во Скопје – девојка загина од струен удар откако земала мобилен телефон кога излегла од базен
Следна вестМВР предупредува: Зачестија измамите со криптовалути, граѓаните остануваат без илјадници евра