Министерот Сали ветува дека по Нова година ќе нема чекање за снимања

По Нова година веќе нема да има долги чекања за снимања на пациенти во здравствени установи бидејќи се инсталираат нови медицински апарати во 12 градови во земјава. Ова денеска го најави министерот за здравство Беким Сали како одговор на новинарско прашање за долгото чекање на пациентите за да добијат здравствена услуга во јавното здравство. Инаку, во медиумите денеска се појави информација дека во сите шест јавни здравствени установи во Скопје каде може да се направи мамографија нема термин во наредни три месеци.

-По Нова година веќе нема да го поставувате прашањето зошто пациентите чекаат со месеци за да добијат снимање и зошто три месеци нема слободен термин за мамографија во Скопје, затоа што во 12 градови се инсталира современа дијагностичка опрема, од мамографија, дигитални рентген апарати, до ангиографија и компјутерска томографија, одговори Сали.

Тој рече дека проблемот се појавил поради долгогодишно нерационално инвестирање во опрема и во распределба на здравствените услуги. Со тоа, пациентите од сите градови од внатрешноста патуваат до Скопје за здравствена услуга.

-Но, таа приказна ќе ја имаме до крајот на годината. Од јануари веќе нема да разговараме дали има мамографија во Неготино, дали ќе се снимаат во Струга, дали ќе добијат услуга во Штип итн. Во исчекување сме на реализацијата, потпишан е договорот со изведувачи на инсталација на најсовремена опрема во најмалку 12 јавни здравствени установи, почнувајќи од мамографија, дигитални рентген апарати, до ангиографија, комјутерска томографија. Работиме напорно во сите здравствени установи каде што ќе има распределба на опремата, градежните работи се во тек и до крајот на годината нема да има потреба веќе да го поставувате тоа прашање – рече Сали во Градската болница „8 септември“ во Скопје каде беше промовиран новиот дијагностички центар опремен со апарати за магнетна резонанца, донација од амбасадата на Италија.

Во врска со тоа кој ќе работи на новата опрема, министерот рече дека должност на добавувачите на компаниите е да обезбедат обука на кадарот што ќе работи со новата апаратура.

Претходна вестСтудентите од ФЛУ ги претставија своите дела во Куќата-музеј на Личеноски
Следна вестГрковска: Веќе немаме право на наши и ваши реформи во образованието