Министерот Спасовски уверува: Во Скопје се помалку кривични дела, сообраќајни незгоди…

Каква е безбедноста во Скопје и на скопјани? Околу ова денеска прозборе ресорниот министер.

Безбедносната состојба на скопското подрачје е на задоволително ниво при што се намалува број на кривичните дела и на прекршоците, а се зголемува ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела. Ова денеска беше констатирано на работна средба на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со раководството на СВР Скопје. Тој беше информиран за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои ги презема Секторот.

-Во периодот јануари-октомври 2022 година, споредбено со истиот период минатата година, евидентно е намалувањето на севкупниот број на кривични дела за околу 10 проценти, а забележано е зголемување на ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела од областа на економскиот криминал за 11,1 отсто. Зголемување за 6,52 отсто бележи и процентот на расчистени разбојништва и разбојнички кражби, информира по средбата Спасовски.

Тој додаде дека во борбата против нелегалната трговија со дрога СВР Скопје минатата година може да се пофали со заплена од рекордни 215 кг марихуана, а годинава дури 1,5 кг кокаин.

-Во однос на состојбата со јавниот ред и мир, во 2022 година, споредбено со деветте месеци од претходната година, евидентирано е намалување на овој вид прекршоци за 44,7 проценти, особено во делот на физичките напади и предизвикување или поттикнување тепачка. Драстично подобрување на статистиките на подрачјето на СВР Скопје се бележи и во поглед на сообраќајот, односно сообраќајните незгоди и последиците од нив, рече министерот.

 

Претходна вестУкраински амбасади примиле пакети со животински очи
Следна вестПриватните превозници нудат компромис, прво да им се плати дел од долгот