Министрите и пратениците да патуваат низ Македонија само со возови

Во нормалниот дел од светот железниците рапидно се развиваат, доизградуваат, модернизираат. Како е во Македонија?

Она што остана од железничкиот сообраќај во Македонија вчера доживеа ново дно. Единствениот воз што оди од Битола кон Скопје во раните утрински часови доцнел околу 8 часа поради опожарени прагови на пругата. Вакво нешто имаше и порано.

Веќе многумина се прашуваат – кога ќе се случи некој нов застој во железничкиот сообраќај во кој на прсти од една рака може да се наведат линиите и возовите кои (се) уште функционираат?

Тивкото одумирање на македонскиот железнички сообраќај ќе продолжи или ќе се сопре?

Се трупаат загуби од повеќе десетици милиони евра, се исплатуваат големи плати за менаџерите, не се менува структурата на вработените во која административните службеници се половина од сите кои примаат плата, нема нови машиновозачи, одржувачи, нема нови локомотиви…

Па, се прави ли нешто за да се подобрат состојбите во Македонски железници?

Денеска, на пример, матичната Комисија за транспорт и врски во македонското Собрание треба да го разгледа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за железнички систем, по скратена постапка, со кој треба да се овозможи либерализација на железничкиот сообраќај во државава. Со предлогот, ќе се овозможи јавниот железнички превоз на патници и стока да се врши од приватно домашно или странско правно лице. Односно, ќе се отвора пазарот и за други железнички превозници, а што било усогласување на македонското со европското законодавство и воведување на конкуренција преку влегување и на други оператори на територијата на државава.

Од друга страна, уште пред неколку години, од страна на претходната влада на премиер Зоран Заев се најавуваше промена при што се размислувало за приватизација, целосна или преку јавно – приватно партнерство. И тоа не само на ЈП МЖ-Транспорт туку и на други државни јавни претпријатија.

Дали проблемите во државните претпријатија секогаш мора да завршуваат со нивно предавање во приватни раце? Дали најлесното решение е тие веднаш и брзо да се продадат и сето тоа да се претставува како „бомбона – бизнис“?

Досегашното искуство со таквите приватизации на државните компании покажува дека тоа не биле секогаш добри одлуки и дека Македонија често повеќе загубила отколку што добила.

Зошто скапо платените функционери не прават напори тие државни загубари да се оправат, да се санираат и да застанат на здрави нозе? Такви напори отсуствуваат, освен кога се склучуваат некакви менаџерски договори со кои „менаџерите“ добиваат огромни плати. 

За почеток треба министрите и пратениците да се возат само со возови низ Македонија. Така полесно ќе ја увидат состојбата и така ќе имаат многу време да размислуваат, чекајќи возот да тргне по 8 часови застој.

А, ако и понатаму, не им текнува ништо друго освен приватизација, фино дотераните функционери само треба да се симнат од возот и да си одат дома.

 

Претходна вестСеверна Кореја и се закани на Јужна Кореја: Ќе ве затрупаме со гранати
Следна вестХрватскиот министер за здравство предупреди, пијте само обична вода