Зоран Заев грубо изнесува тези со кои ги нарушува преговарачките позиции на земјава и ја загрозува европската иднина, оцени попладнево лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вонредна прес-конференција. Тој реагираше на ставовите кои Заев ги искажал во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС при што посебно го потенцираше откажувањето на премиерот од антифашистичката борба и од македонското малцинство во Бугарија. Освен ова, Мицкоски рече дека се покажале како точни неговите тврдења дека бугарските власти бараат нов договор или анекс на веќе потпишаниот Договор за добрососедство.
-Претходно предупредив дека покрај Договорот за добрососедство постои барање од страна на бугарските власти за потпишување на нов договор или анекс, со кој ќе се допрецизираат барањата и уцените односно сервилниот однос на Заев кон нашиот источен сосед. Па оттука можам да кажам дека како поминуваа деновите, оние први бледи критики и обвинувања од страна на Зоран Заев, Бујар Османи, Димитров и останатите кон мене, дека таков договор или анекс не постои, излегоа дека се една обична шарена лага. Нивниот сервилен однос на сметка на достоинството на македонскиот народ, достоинството на македонската нација нема граница, па тие денеска прифаќаат еден таков анекс кон тој договор, кој што Зоран Заев во ова интервју го потврди, истакна Мицкоски.
Тој нагласи и дека Заев во интервјуто ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство.
-Заев Прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени, а не биле поробени во Втората светска војна, додаде Мицкоски.
Тој посочи и дека е загрижен што интервјуто на Заев може да се толкува како прв чекор кон откажување од македонското малцинство кое што живее во своите древни огништа кај нашиот источен сосед.
– Ги предупредувам во Владата на Заев да не си играат и да го начнуваат македонскиот идентитет, бидејќи на тој начин ќе се соочат со сиот гнев на македонскиот народ и македонската нација, не само тука во Македонија, туку каде било во светот. Македонскиот народ го повикувам внимателно да ги следи овие денови кои што се пред нас, внимателно и будно да следиме што преговара Зоран Заев и на што се е спремен, а потоа на соодветен начин, ако на каков било начин го навреди македонскиот идентитет да реагираме и да го спречиме. Јас ќе бидам прв во таа борба, рече Мицкоски.