Мицкоски: Имам информација дека викендов се распарчува Македонија во Софија

Имам информација дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет, да не дозволиме и од утре внимателно да ја блокираме Македонија секој нареден ден и да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата, тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот, порача на денешниот протест Христијан Мицкоски, лидер на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Тој зборуваше на протестот пред Владата кој го организираше оваа партија со цел да се побара оставка од премиерот Зоран Заев по скандалозното интервју за бугарската агенција „Бгнес“.

– И денес навестувам дека Зоран Заев подготвува национален пораз, но од секој од нас зависи дали тоа ќе го промениме. Јас како човек и поединец можам да направам многу работи, но сите заедно, сплотени еден до друг можеме да направиме се. И за оваа битка драги пријатели потребен е народ. Младо и старо, машко и женско треба да се одважи и да се спротивстави. Ако сега во овие часови, денови не излеземе и не се спротивставиме ќе биде предоцна. Ако сега не излеземе и дадеме отпор подоцна ќе немаме право да велиме зошто не ги променивме работите. Сега можеме а за тоа е потребен секој еден од вас. Сега за да не биде предоцна. Сите кои имаме разлики и забелешки едни кон други мораме да ги заборавиме, за да спречиме ново бришење и ново виткање на кичма. Ако сега оваа алка од синџирот не издржи, ние ќе го прекиниме континуитетот во нашето постоење. Ако се откажеме од партизаните, ќе се откажеме и од Илинденците, ако се откажеме од нив се откажуваме од столетната борба за слобода. Ако тогаш тоа го направиме во што ни преостанува да веруваме? Вештачките нации и дрвата без корен се осудени на пропаст, потенцира Мицкоски.

Зборуваќи пред граѓаните тој упати четири пораки посочувајќи дека сегашнниот премиер Зоран Заев додека бил во опозиција им ветувал на бугарските политичари ретуширање на историјата. Пораките се адресирани до политичарите во Бугарија, меѓунадроната заедница, премиерот Заев и до Владата, како и до македонскиот народ и до сограѓани од другите националности.

-Првата порака е до политичарите кај нашиот источен сосед. Ако мислите дека измисливте, пронајдовте или подржавте квинслинг или квинслиншка влада овде во Македонија, се лажете, ниту тој квинслинг, ниту оваа квинслиншка влада од нашата колективна меморија и од нашите срца ќе ја избрише улогата, ликот и делото на Даме, на Гоце, на Питу, на Хаџи Арсов, на Хаџи Николов, на Поп Арсов затоа што тие се бореа за нова современа македонска држава. Затоа оваа порака ја упатувам до политичарите кај нашиот источен сосед, наместо да велите дека Мицкоски предводи анти-бугарска хистерија во Република Македонија, најдобро би било да дојдете овде при првата посета недалеку од зградата на Владата, пред оној споменик на паднатите борци од народноослободителната борба, да клекнете, да го следите примерот на Вили Бранд и да се извините на овој народ тоа што сте му го направиле, ова е вашата последна шанса, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Обраќајќи се до меѓународната заедница тој порача дека таа не треба да дозволи некои политичари од земја членка, наместо политика на иднина, да шират политики од среден век, ревизионистички политики, хегемонски политики на големи држави и нации.

-Немојте да дозволите да се погазат политиките на Де Гаспери, Аденауер и Шуман. Дозволете му на овој народ на отпочне преговори со Европската унија, а овој народ ќе ви врати, ќе ви врати со сето срце и знаење кое го има, и ќе го изоди најбрзиот пат до полноправно членство во Европската унија, нагласи Мицкоски.

На Владата, на Зоран Заев тој им порача „на памет да не им паѓа да го продаваат македонскиот идентитет“.

-Ви ветувам заедно со овој народ овде, „дивото месо“ ќе биде прецизно хируршки отстрането, потоа не само за криминалот и за велепредавство ќе одговарате, јас ви ветувам кога тогаш ќе одговарате, потенцира лидерот на партијата.

Во пораката до граѓаните, до македонскиот народ и до македонската нација, до Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците, Еѓипјаните, до сите наши сограѓани, тој ги покани да излезат и да и помогнат на Македонија.

-Да не дозволиме овие луѓе да ни ја продадат верата, нацијата и кожата, тие одамна си го продале својот ген на ѓаволот, рече Христијан Мицкоски.

Претходна вестУапсено лице со фалсификувани евра
Следна вестМалолетник со автомобил се забил во запрежно возило, едно лице тешко повредено