Мицкоски: Потребна е лидерска средба за да може понатаму заеднички да ја градиме Македонија

Барање за лидерска средба на која ќе се разговара за актуелната ситуација побара денеска лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Денеска тој ја обвини Владата и за низа неуспеси по истекот на првите 100 дена од нејзиното формирање.

-Повторно ја актуализирам потребата од лидерска средба на која ќе разговараме за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во нашата Македонија. Веднаш лидерска средба за да можеме понатаму заеднички да ја градиме нашата Македонија, рече Мицкоски.

ВМРО ДПМНЕ останува на ставот дека треба да се формира експертска влада и да се одржат предвремени парламентарни избори кога здравствените услови ќе го дозволат тоа.

– Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето кој не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и неговата „домат“ меѓународна политика. После четири години лаги дека само што не сме почнале преговори денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина. Се откажа од Македонија и продолжи со скандалозното интервју на бугарскиот медиум дека се откажува од идентитетот. Тоа и де факто не му успеа затоа што изминативе денови се случи народ. Овој пат народот и сите заедно, оние кои беа со нас на улиците и оние кои не поддржуваа во своите срца успеавме во првиот чекор да ги откажеме од намерата да се откажат од придавката македонски и да се откажат од македонскиот идентитет, додаде Мицкоски.

Првите 100 дена од владата, според него, се и продолжение на четирите досегашни години на загуби со оваа владејачка гарнитура.

-Ветуваа живот а после оној предизборен инжинериг во избори во коишто се служеа се, само не со предизборна програма уценуваа, се закануваа, поткупуваа, менуваа закони, буквално се, само не со политичка платформа, составија влада со ветување ’Можеме повеќе, можеме подобро‘, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ, влеговме во економска рецесија, пропадна банка втор ТАТ афера тешка 200 милиони евра, поскапи електричната енергија, 1 400 животи се загубија поради отсуство на стратегија и акутната неспособност во здравството, рече Мицкоски.

Претходна вестЗаев: Ставот на Бугарија е целосно ирационален и навредлив за Македонците
Следна вестОтстранети две дивоградби на „Водњанска“