Мицкоски за изјавата на Пендаровски по средбата: Тоа е дволичност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоскиден по вчерашната средба со претседателот Стево Пендаровски, денеска го обвини за дволичност во врска со изјавата што ја дал по средбата во врска со 27 април.

Мицкоски денеска во Делчево, одговарајќи на новинарско прашање рече дека Пендаровски дал различна изјава од ставот што го искажал на тет-а-тет средбата внатре, што според него е резултат на притисокот кој се врши врз Пендаровски.

-Генерално ние внатре се сложивме за сѐ како што кажав внатре и тоа што го спомнав надвор, но очигледен е притисокот којшто се врши врз него, од оние, би рекол, новинарски пера којшто се под директна команда и влијание на СДСМ и Зоран Заев, но и од медиумите каде што влијанието на СДСМ и Зоран Заев е забележливо и тоа очигледно оставило трага кај претседателот Пендаровски. Го разбирам нормално, но не можам да го оправдам бидејќи тоа во суштина се нарекува дволичност, изјави денеска Мицкоски.

Мицкоски вчера по средбата рече дека тоа што јас го бара не е милост и амнестија, туку за правда преку дополнителни докази кои бранителите на овие лица ќе можат да ги достават до Врховниот суд или до Европскиот суд до човекови права, бидејќи не постои основа овие луѓе да бидат обвинети за терористичко однесување или напад на уставниот поредок на државата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека наишол на разбирање од претседателот Пендаровски.

Пендаровски пак, по средбата на посебна прес-конференција рече дека помилување на лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, зашто нивната вина во тој процес неспорно била утврдена во судски процес.

-Мојот став – дека кога има нови докази кои порано не биле познати може да го преотвори процесот, не значи дека заговорам реотворање на процесот. Јас само ја цитирам одредбата од законот и законската можност според која тие луѓе преку своите адвокати во вонредно правен лек можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, ако такви воопшто постојат и одлуката дали процесот ќе се повтори сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот, изјави Пендаровски.

Претходна вестГрција ги отвори плажите, посетите само со пријава преку смс – порака
Следна вестБројот на новозаразени падна под 200, починаа 12 лица за едно деноноќие