Европската централна банка и други креатори на монетарната политика низ Европа треба да ги задржат каматните стапки на сегашното, повисоко ниво, додека не бидат сигурни дека инфлацијата е под контрола, соопшти денес Меѓународниот монетарен фонд, предупредувајќи дека не е добро „прерано да се слави“ тоа што инфлацијата, откако го достигна врвот, опаѓа.
ММФ со седиште во Вашингтон оцени дека цената на потценувањето на постојаноста на инфлацијата би можела да биде болно висока и да резултира со уште една болна рунда на нејзино зголемување, која би можела да ѝ го одземе растот на економијата.
Европската централна банка, Банката на Англија и други централни банки, кои не се дел од еврозоната, „го достигнаа врвот со каматните стапки, додека некои почнаа да ги намалуваат референтните стапки“, наведе ММФ во својата проценка на економските изгледи за Европа која се објавува два пати годишно.
-Сепак, продолжен рестриктивен став и понатаму е неопходен за да се обезбеди враќање на целената стапка на инфлација, се наведува во документот.
Историски гледано, потребни се во просек три години за инфлацијата да се врати на пониско ниво, додека некои антиинфлаторни мерки траеле и подолго, соопшти ММФ.
Инфлацијата во еврозоната го достигна врвот од 10,6 отсто во октомври 2022 година, а сега е на 2,9 отсто.
Претставници на Европската централна банка, пак, соопштија дека очекуваат да видат поголем напредок во скротувањето на инфлаторните притисоци, а компаниите и владите мора да се засилат за да спречат натамошно затегнување на монетарната политика.
Цетралните банкари, кои даваа коментари на различни локации низ Европа, се чини дека се обидуваат да ја ублажат еуфоријата околу брзиот пад на цените, велејќи дека целокупната слика е поинаква. Некои претставници на ЕЦБ дури рекоа дека не треба да се исклучи можноста за натамошно зголемување на каматните стапки.
-Има одреден напредок (во базичната инфлација), но тој сè уште не е доволен, рече главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн во Рига, додавајќи дека не е особено „утешен“ од забавувањето на основната инфлација, бидејќи тоа се должи на поевтината енергија во споредба со една година претходно.
Инфлацијата се забави на 2,9 отсто минатиот месец од повеќе од 10 проценти една година порано, но Лејн предвиде стабилен, па дури и забрзан раст на цените следната година, со стапки во „горниот опсег од 2 проценти или долниот опсег од 3 проценти“ во 2024-та година, пред да се забави назад на 2 отсто цел во 2025-та година.