Привршува театарската престава на ДУИ и СДСМ во која со месеци се играше сценариото – поголемо и стабилно мнозинство. Во македонскиот парламент синоќа се избрани четворица нови министри. За сето тоа гласале 65 пратеници. А претходно во мнозинството имаа 64 гласа. Ова е успех, постабилно мнозинство или…?
Силни и уверливи беа најавите на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе се случи зголемување на владиното мнозинство кое решително ќе ја води Македонија напред кон нови победи и уште подобар живот.
Зарем сето тоа ќе го донесе тој еден пратеник повеќе? Па нели требаше да се повеќе?
Излезе дека она што се најавуваше дека осуммината пратеници на Алијансата на Албанците значително ќе ја стабилизираат поддршката на Владата, не се потврди. Без поддршка на тројцата пратеници на Алтернатива, без поддршка на лидерот на ДС Павле Трајанов, без „огнената група“ од редовите на ДУИ, парламентарното мнозинство доживеа само минимално зголемување. А повеќе од месец дека од владеачката СДСМ, од ДУИ се фалеа дека „владиното мнозинство ќе расте“, „ќе има парламентарна стабилност “, „дека многу нови пратеници ќе се приклучат на владеачкото мнозинство“…
Тоа дека со вакво мнозинство и натаму ќе биде тешко да се обезбедува кворумот за седниците, да се гласаат закони и други акти, се виде уште синоќа пред гласањето за новите министри кога мораше да се бара пауза за да се соберат сите од новото мнозинство. Да не зборуваме за ултиматумот од ДОМ кон Владата дека ако не исполни неколку барања за 100 дена ќе го напуштат мнозинството.
Сето ова може да значи само едно: и натаму ќе продолжат старите проблеми, ќе се бркаат пратениците за седниците, дека ќе се свикуваат специјални седници само за гласање, а во меѓувреме собраниската сала ќе биде полупразна, дека ќе се ловат нови пратеници за зголемување на мнозинството, дека…
Тогаш, што може да биде со најавените реформи, најавените промени кои повторно ни се ветуваат од Ковачевски за унапредување на владеењето на правото, за борбата против корупцијата…