МНР демантира дека амбасадорот во Јапонија е повлечен поради сексуално вознемирување, не се објаснува какви штети направил на интересите на државата

Министерството за надворешни работи ги демантира информациите во јавноста и тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека македонскиот амбасадор во јапонија Горан Цеков е повлечен поради сексуално вознемирување на колешките. Во објавеното соопштение се наведува дека причините за неговото повлекување „не се совпаѓаат со нападите изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници“. Претходно, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски изјавуваше дека има пријави против Цеков за сексуално вознемирување, а вчера и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласоска кажа дека тој „извршил сексуално вознемирување врз повеќе жени за што е пријавуван неколку пати“.

Во завчерашното соопштение МНР наведе дека „незадоволителни резултати и работи со кои им се причинува штета на интересите на државата“ се причина за повлекување на македонскиот амбасадор Цеков од нашата амбасада во Токио.

МНР, меѓутоа, наведува дека причините се различни од оние што ги наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Како што веќе објавивме, повлекувањето на досегашниот амбасадор во Јапонија беше спроведено во редовна постапка, согласно законските прописи и внатрешните уредби во Министерството за надворешни работи и со почитување на сите процедури. Во оваа прилика дозволете да информираме дека Комисијата во рамките на Министерството, како причини за повлекувањето на амбасадорот констатираше причини кои не се совпаѓаат со нападите изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници, соопштија од МНР.

Понатаму, од министерството велат дека со пласирањето шпекулации се нанесува штета.

-Со пласирањето шпекулации и непроверени наводи кои не се потврдени, се нанесува лична штета кон човекот, кон неговото семејство и неговите блиски; со ова однесување ВМРО-ДПМНЕ не само што го изгуби човечкиот компас туку и директно ѝ нанесува штета на дипломатијата и на односите со пријателска земја како што е Јапонија, потенцираат од МНР.

Но, во соопштението на МНР не се наведуваат конкретните причини за отповикувањето, посебно не за тоа каква „штета на интересите на државата“ е направена?

Претходна вестСончево со малку облаци
Следна вестПочнуваат чествувањата за Илинден и 120 години од Илинденското востание и Крушевската Република