Вечерва, премиерно во Младинскиот културен центар се случува една поинаква изведба на претставата „Парадоксот на Диоген“, со почеток во 20 часот. Режисери се младите Јована Зајкова и Бобан Русески, а претставата е збогатена со танцовиот концепт на групата „X Squared“, како и претставници на Скопскиот танцов театар и училишниот центар „Илија Николовски – Луј“.
Содржински, претставата е преработка на драмата на Томе Арсовски, во која се поставуваат тешки морални прашања за општеството во кое живееме.
Како танчери, покрај Јована и Бобан, се појавуваат уште и Дејан Битровски и Анастасија Данчевска од Скопскиот танцов театар, како и Илина Костовска и Јана Трајковска од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Гласовите во претставата ги позајмуваат Христијан Поп-Симонов и Марија Талеска. Претставата е поддржана од фестивалот „Цело е кога се има 30” и „Театар Чин 4 сцена 5“, Прилеп.