Tоа што Левица сега има пратеничка група, значи дека шесте пратеника сега имаат и многу подобра позиција за преговарање во смисла на условување – ова е тезата изречена од пратеничката Јована Мојсоска во гостувањето на ТВ 24.
Имаме подобра позиција, за да се најдат некои линии и да се поддржат нашите предлог – законски решенија. Најискрено, мислам дека прв закон што ќе го поднесеме, за кој ВМРО – ДПМНЕ викаше дека се залага во предизборието е Законот за една изборна единица – истакна Мојсоска.
Актуелниот Д’Онтов модел, метаматички е неправеден и на Левица ù краде во секоја изборна единица по еден до двајца пратеници. Сето тоа Мојсоска го потврдува со факти.
– И на овие избори се потврди дека, еве, еден пратеник на Левица, условно кажано – вреди 11.000 гласа, додека, условно кажано – најевтиниот пратеник беше на ДУИ со 7.200 гласа, така што ние сè додека имаме еден таков диспаритет во однос на гласовите, во однос на изборниот модел, не можеме ни да говориме дека имаме основни демократски принципи – потенцираше Мојсоска.
Генералниот секретар на Левица и првата жена – пратеничка од Левица, Јована Мојсоска, ја поентираше главната заложба на Партијата.
– Поради сè наведено, една од нашите главни заложби ќе биде токму барањето за една изборна единица, за да може подеднакво гласот на секој да биде вреднуван – рече Мојсоска.