Моторни пили забрзано сечат дрвја долж улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром

Се сечат повеќегодишни дрва во Аеродром. Утрово десетина работници со моторни пили и 4 камиони ги сечеа стеблата долж улицата „Васко Карангелески“ од страна на основното училиште „Љубен Лапе“. Пред една недела на истото место помалите стебла кои беа посадени не така одамна беа откорнати. Уште лани против ова протестираа граѓаните кои живеат во тој дел од Аеродром кој несопирливо се бетонизира. 

На теренот се гледа дека сечата се врши со цел да се прошири улицата која треба да се спои со булеварот “Трета македонска бригада“. Овој проект го води Градот Скопје, а го почна поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов во периодот пред локалните избори. Почеток на градежните работи веднаш предизвика отпорот кај граѓаните бидејќи проектот предвидува проширување на постоечката двонасочна улица и сеча на многу дрвја од двете страни на улицата кои и беа обележени за сечење.

Во септември жителите од околните згради излегоа на протест поради најавената сеча на дрвја и побараа да се спречи уништувањето на зеленилото во оваа општина.

-Бараме веднаш да се запре со планираното проширување и да не се дозволи масакр на здрави зрели дрвја. Аеродром е една од најзагадените општини и потребно ни е секое дрво, реагираа граѓаните кои и уверуваа дека нема потреба од големо ширење на улицата.

Граѓаните беа поддржани и од страна на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ која потоа на локалните избори освои две советнички места. На протестот на граѓаните се појави и тогашниот кандидат за градоначалник на Аеродром на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, кој потоа и победи во изборната трка. Се чекаше и што ќе направи околу ова новата градоначалничка Данела Арсовска.

Во својот отчет за 100 дена од работата градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски наведе дека „Се пробива улицата „Васко Карангелески кон булеварот „Трета македонска бригада“.

-Ова поврзување се очекува во голема мера да го олесни движењето на возилата во тој дел од општината, но и да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж. Во текот на целиот процес ќе се води грижа за зачувување на животната средина, а новиот потег ќе биде дополнително облагороден со нови дрвореди и зеленило, објави тогаш Муцунски.

Од другата страна на истата улица има цел дрворед кој е обележан за сечење, дали тоа ќе се случи останува да се види. Наскоро ќе се види и како ќе го направат Аеродром зелена општина, нешто што сите го ветуваа. 

Претходна вестРакометарот на „Бутел“ Денис Тот во критична состојба откако бил претепан
Следна вестЗарем спомениците по Скопје ќе станат споменици за негрижата кон нив?