Уште не е доцна „партиските експерти за кампањи“ да се подзамислат дали со стари фотки на кои им се додава нов негативен контекст се добиваат избори. Да помислат и дали граѓаните на Македонија сакаат валкана кампања или отчет за сработеното и визија што понатаму
Почнаа подметнувањата во предизборието. А ветуваа дека овој пат нема да биде така. Не дочекаа да дојде ни април за да започне официјалната изборна кампања за претседателските избори, а веќе има објава на фотографија стара пет години која имала сосема поинаков контекст но сега и се дава нова – нота. Деновиве СДСМ објави фотографија на Гордана Силјановска – Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
–Гордана Силјановска Давкова, претседателскиот кандидат на ДПМНЕ застана зад изјавите на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев против Македонија, АСНОМ… со ДПМНЕ и Силјановска не е е можна никаква позитивна промена туку само полошо, потенцираа од СДСМ.
Одговорот и објаснување од ВМРО-ДПМНЕ веднаш дојде.
– СДС се фатени живи како шират лажни вести, фотографијата која што ја лиферуваа на Гордана Силјановска со Андреј Ковачев е стара најмалку 5 години, и е настаната при случајна средба на еден од заедничките европски настани. Да потсетиме таа е од времето кога Бојко Борисов беше брат на лидерот на СДС Зоран Заев, а од страна на Стево Пендаровски беше поздравуван со љубави…, истакнаа опозиционерите.
За жал, препукувањата, обвинувањата, конструкциите, лагите… не запреа туку продолжија и во наредниве денови. Ова ли е стратегија за остварување на најавуваните – чисти избори и победа? Вака ли ќе биде до самиот чин на гласање?
-Најгласни беа дека се против ширење на лажни вести. А гледајте што прават, шират лажни вести. Мизерно, реагира македонски граѓанин на социјалните мрежи.
Прашавме и неколку граѓани што мислат – како почна предизборието:
-Се е валкано, а највалкани и криминални банди се партиите кои во кампањата настапуваат со стари лажни ветувања. Настапуваат во име на народот кој безмилосно го угнетуваат; лажат; крадат и оцрнуваат. Нема ЕУ со вакви експерти и политиколози, смета Нада Џаневска.
Експерти по изборен маркетинг укажуваат дека кампањата треба да почива на неколку позитивни столба што ќе ги привлечат гласачите да гласаат и помали негативни столбови што ќе се обидат да му наштетат на политичкиот противник. Но, тоа се уште останува во сенка на негативните кампањи за кои се прават цели стратегии и се даваат многу државни пари за медиумско претставување. Партиите еднаш мора да се запрашат кон што водат ваквите валкања на кампањите, дали е потребна таква наелектризираност, конфронтација, пресметка, лага? Зошто, на пример, не им е главна тема во предизборието – економијата, социјалата, образованието… па да и кажат на јавноста што сработиле во овие области, па што планираат да прават во иднина и врз основа на тоа да ја добијат довербата кај граѓаните?
-Во кампањата треба да кажат што треба за да се подобри животот на граѓаните, судството, да го снема криминалот во Македонија, ни вели Љубица Георгиева.
Уште не е доцна „партиските експерти за кампањи“ да се подзамислат дали со стари фотки на кои им се додава нов негативен контекст се добиваат избори. Да помислат и дали граѓаните на Македонија сакаат негативна и валкана кампања или отчет за сработеното и визија што понатаму. Инаку, вистинскиот одговор на овие дилеми ќе го има во избирачките кутии.
Да дадат отчет за сработеното, а не поделби на народот да прават
Граѓаните освен на црната кампања и подметнувањата реагираат и на наметнувањата од политичкиот врв на нови поделби меѓу народот. Им пречи етикетирањето дека само едните биле за „западот“, а другите штом не гласале за власта биле за „истокот“. Велат: „наместо такви површни и погрешни кампањи според партиите треба да дадат отчет за тоа што сработиле до сега“.