Може ли на Водно да растат ненасадени дрвја?

Пет поминати години и ниту едно засадено дрво како компензацијата за изградениот гасовод преку омиленото излетиште на скопјани – Водно

Бива ли да се кажува дека Скопје ќе биде зелен град, а да нема садење на нови дрвја? Прашањето делува непотребно и смешно, ама ако гледаме како делуваат локалните власти – мора да се постави.

Пет поминати години и ниту едно засадено дрво како компензацијата за изградениот гасовод преку омиленото излетиште на скопјани – Водно. За жал, нема ниту најави дека пошумувањето наскоро би можело да започне, дека е направен некаков план, дека се избрани парцели на кои ќе се садат дрвјата и друго зеленило. А има многу голи падини кои „плачат“ за пошумување.

На времето дури и се доделија неколку стотици илјади евра за да се пошуми делот каде се копаше гасоводот… Ваква е поразителната состојба откако во 2018 –та година се тргна во градбата на гасоводната траса кон Гостивар, а поради која мораше да се изврши сеча на здрави дрвја и на пониското зеленило. Се случија и бројни реакции во јавноста, отпори, протести…

Од Градот Скопје и од нивното јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ досега не одговорија на повеќе барања на медиумите околу тоа што се случува со ветеното пошумување на Водно како компензација за гасоводот. Така, воопшто не се знае дали воопшто се планира ваква активност во скора иднина, ниту пак, во кои делови од парк шумата е планирана оваа активност. Во тој почетен период беше формирана работна група од претставници на ЈП „Паркови и зеленило“, од шумарски експерти, се направи некаков план, но од тоа ништо. Во јавноста некои членови од групата изјавуваа дека иако се обезбедени парите пошумувањето не е лесно да се направи бидејќи одвај се најдоа четири соодветни локации во државна сопственост, дека е скапо носењето на дополнителна почва поради карпестиот терен, дека треба да се чека есенско-зимскиот период, дека треба да се распише тендер, дека изборите предизвикаа застој…

Од невладината организација „Го сакам Водно“, којашто се избори за пошумувањето, пак, се разочарани од односот на институциите.

-Очекуваме детален преглед за начинот на трошењето на паричните средства. За жал, не успеавме да го дислоцираме гасоводот од Водно. Но, кога веќе не ја добивме таа битка, со обврзувачкиот договор на Градот со МЕР се обезбеди сума која овозможува едно од најголемите пошумувања и шумарски проекти во државава, гледано со децении наназад. Ни сме упорни и нема да се откажеме, ни рече активистка Татјана Стојановска.

Но, на надлежните од градските служби како да не им се брза за пошумувањето на Водно. Се пропушти изминатиот есенско-зимскиот период и сега ќе треба да се чека да помине летото. Ќе направат нешто оваа есен?

Ќе се садат ли само згради?

На Водно треба да се сади плански и на други делови, не само каде што поминува гасоводот. Има многу голи падини на кои би требало да се насадат дрвца. Се лоцираат ли тие места или се лоцираат само местата каде може да се насат згради и куќи? Водно е белите дробови на градот и на него треба да има многу, многу зеленило.

 

Претходна вестМПЦ-ОА ги повика верниците на протест: Законите за матична евиденција и родова еднаквост се закана за општеството и семејството
Следна вестВчера Блинкен разговараше со кинескиот претседател, денес Бајден го нарече диктатор