Може ли Скопје да издржи над 750.000 жители со постојната инфраструктура за само 450.000?

Градот се самозагуши, но тоа не е тема во кампањата

Скопје е веќе пренаселен град и прво треба да се запре населувањето во него, а потоа и да се размислува и за пренасочување на градбите, од центарот кон периферијата, кон северниот дел на градот, смета граѓанинот Веселин Марковиќ

Македонскиот главен град си расте постепено, ама континуирано. Де малку во ширина, де малку повеќе во висина со многукатни згради. Расте и бројот на жители. Дали тоа е издржливо за постојната градска инфраструктура? Што ќе се преземе за градот да не се самозагушува?

Скопје постепено си расте. Малку во ширина, малку повеќе во висина со многукатни згради. Расте и бројот на жители. Дали тоа е издржливо за постојната инфраструктура? Десетици кандидати за скопскиот и за општинските градоначланици веќе ги вадат адутите со кои сакаат да ги придобијат гласовите на граѓаните. Се ветува се – нови сообраќајници, нови автобуси, бесплатен превоз… Но, барем до сега, никој не ја споменува темата-дилемата која што е клучна за сите други ветувања: дека Скопје е пренаселен град, дали во градот треба да продолжи вакво интензивно градење и за тоа во која зона да се продолжи со градбите и конечно дали ќе се бара начин да се намали приливот на нови жители.

Очигледно дека и старо-новите кандидати за градоначалници прашањето за доселувањето и за тоа во кој правец да се развива градот ќе го остават да се движи според досегашното искуство – без правила. Поточно, ќе го остават на „пазарот“ со што градбите и доселувањата ќе продолжат насекаде каде има место. Граѓаните, за разлика од претендентите за градски и општински татковци зборуваат за темава.

-Скопје е веќе пренаселен град, тука доаѓаат најголемите инвестиции и полесно се наоѓа вработување. Луѓето од внатрешноста ќе се вработат, па земат стан под кирија, а станодавачите си купуваат нови за издавање. И така, постојано има потреба за нови згради. Тоа ќе го задуши градот. Инвестициите треба да се пренасочат во други градови а треба и да се пренасочат градбите, од центарот кон периферијата, кон северниот дел на градот, кон Куманово, Скопска Црна Гора и слично, смета граѓанинот Веселин Марковиќ.

Планови со стотици нови згради во центалните подрачја

Статистички податоци покажуваат дека последниве години број на новонаселени граѓани во Скопје се движи околу три илјади годишно и дека расте секоја година. Излегува дека за десетина години, во градот ќе имаме новодоселени околу 30.000 нови жители, практично цел еден град. А да не споменуваме дека има и жители на Скопје кои и не се регистрирани дека живеат во главниот град. Градот сега веќе има скоро 700.000 жители, а се верува дека се и уште повеќе. Проценка е дека во градот веќе има „вишок“ од околу 150.000 жители кои не може да ги издржи постоечката инфраструктура – улици, канализација… Но, и покрај овој факт, во градот се продолжува со интензивни градби. Со ДУП-овите за Расадник, за Дексион, за Треска, за Трнодол, „Алумина“, за паркингот кај ГТЦ, Карпош 4, Маџир и Ново Маало, Водно… се предвидуваат неколку стотини нови згради, илјадници станови и нови жители. Тие само се надодаваат на веќе затрупаните Дебар Маало, Аеродром… Плановите се пред реализација, а протести и барањата на граѓаните да не се градат толку згради туку паркови и зеленило останаа безуспешни. Градот и општините се правдата дека не можат против желбите на сопствениците на имотите да градат згради, но прашањето е зошто своевремено биле донесени такви урбанистички планови? Односно, зошто уште тогаш не била донесена стратегија градот да се шири кон периферните подрачја за да не се задушува центарот? На тоа укажуваа и соговорниците во поранешни интервјуа на страниците на „Скопско ехо“.

-Неминовното ширење на градот би требало да се одвива на северната страна, а не да се зафаќа секоја слободна површина во централното подрачје и на Водно и да се градат мастодонски згради од повеќе ката, потенцира во интервју адвокатот Никола Поленак.

Писателот Венко Андоновски смета дека „Скопје треба драстично да се намали, првенствено со оние кои во него дошле по партиска задача.“ Пејачот Миле Кузмановски , пак, смета дека е „време да се размислува за затворање на градот и ограничување на жителството во него“.

Според сега важечкиот Генерален урбанистички план не е предвидено ширење на градот кон северниот дел туку „пополнување на празните локации“ во градското подрачје. Овој план, инаку, важи до 2022 година и предвидуваше градот да има 634.200 жители, но е значително е надминат уште во 2006 година кога според статистичките проценки Скопје имаше 668.000 жители.

-Скопје е веќе пренаселен град и ако веќе не може да се запре градењето тогаш барем да не се гради во централното подрачје туку на северен дел од градот, смета скопјанецот Стрезо Стрезовски.

Поплава како предупредување

Северното и источното подрачје на градот беа актуелни и поради идејата таму да се гради новиот Клинички центар. Катастрофалните поплави во 2016 година кои ги зафатија селата Стајковци, Синѓелиќ, Смилковци, Арачиново… покажаа дека овој регион инфраструктурно е неуреден и дека тоа е потребно сериозно да се работи на терен.

-Скопје е навистина пренаселен град и ако веќе се шири треба да се шири кон Петровец, ни рече скопјанката Радмила Ристиќ.

Пред година дена се уште актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов најави дека ќе се прави новиот Генерален урбанистички план за Скопје во кој интенцијата ќе биде неговото ширење кон север во наредниве десет години. Со тоа се сакало да се релаксира јужниот дел од градот од притисокот на претераната урбанизација што се случуваше изминативе децении. Но, дали така ќе се направи? А од друга страна интензивните градби по централното градско подрачје продолжуваат. На крајот, може да се дојде во ситуација да откако се ќе се пополни во центарот и градот уште повеќе ќе се дозадуши, тогаш да се бара нов простор за ширењето на градот!? За сето ова претендентите за градоначалничката функција треба сега да си го кажат свој став и визија, ако ја имаат.

Се доцни ли со новиот ГУП?

Прашање на кое надлежните треба да одговорат е дали и што се работи на новиот ГУП на Скопје. Лани, градоначалникот Шилегов и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најавија дека тој е почнат да се прави. Бочварски дури најави дека Планот ќе се прави во наредниве 3,5 години, а дека ќе важи за период од 2022 до 2032 година. Меѓутоа, веќе станува очигледно дека се доцни и дека изработката на овој ГУП требаше да почне многу отпорано. Ова од причина што ќе се дојде во ситуација предлогот на ГУП-от да биде изработен дури во 2024 година, а тој треба да се однесува на 2022 година која започнува за три месеци!?

Освен ова, прашање е зошто веќе сега не се организираат јавни расправи и дебати со стручни лица – урбанисти, архитекти… – за да и тие бидат вклучени во креирањето на најважниот план за Скопје.

Сообраќајниот шпиц – хаос трае цел ден

Пренаселеноста најмногу се шуствува на улиците – во сообраќајот. Секако се гледа и во густо нанижаните згради на кои терасите скоро и да се допираат со сосседните тераси.

-Сообраќајниот шпиц – хаос во Скопје трае цел ден. Порано беше наутро и кога луѓето се враќаат од работа. Сега крстосниците цело време се крцати со возила, се чека и по два пати на ист семафор. Ова мора да се реши не само со нови улици за кои нема место туку и со затворање на населувањето во градот, ни прокоментира центарецот Дарко.

Претходна вест196 санкционирани возачи во Скопје, 40 за брзо возење
Следна вестВладата ќе разгледа важно прашање: Градење отпорност од хибридни закани