Колумна на Никола Тасев:
Апсењето на пејачот Алабаковски ја зовре јавноста во Македонија. За многумина е поразително што полицијата и судството се ревносни само при овој случај, а ги нема никаде за многу криминалии и трагедии што се случуваат во Македонија. Јавноста воедно на социјалните мрежи оценува и дали пејачот требало да постапи така агресивно.
Е токму за оценувањето, ама за сосема друга работа е моето денешно пишување.
Се најавуваат и закажуваат протести. Од политички субјекти, од разни сектори во стопанството, од синдикатите. Тие (синдикатите) преговараат со владата веќе неколку месеци и бараат линеарно покачување на платите во администрацијата. Нема да коментирам дали е тоа потребно, но тие сметаат дека имаат право на повисоки плати, особено што Владата за да ја замачка лошата економска слика последните месеци се покажа како мошне дарежлива.
Синдикатите, незадоволни од незаинтересираноста на Владата, својата борба ја пренесоа во Собранието. Поднесоа предлог амандман кон ребалансот на буџетот и чекаат реакција од пратениците. Но тие се уште чекаат реакција и од Владата! И дадоа ултиматум да ги прифати нивните барање или ќе организираат масовен штрајк. На тоа Владата им најавува дека покачување можеби ќе има, но најпрвин адмнистративците треба да поминат процес на оценување.
Е, тоа – оценувањето е проблемот, ама оценувањето е и решението.
Владата даден одличен одговор, оти на администрацијата одамна и е потребно оценување, како лично на секој вработен, така и на неопходноста од одредени позиции. Но, тајмингот на оценувањето е закаснет. Оти сега? Откако шест години оваа Влада само ја трупаше администрацијата со нови и нови вработувања и се зголемуваа буџетите на разни министерства и управи само за да се задоволат потребите на блиските луѓе до власта кои сакаат да ги грее државна плата. Оценката требаше да биде на почетокот на нивното владеење пред шест години. Уште едно прашање е дали воопшто ќе им текнеше на оценување, ако не беа притиснати до ѕид од Синдикатот.
Владата, значи, сака да оценува! А свесна ли е дека и самата е за оценување? Една оценка веќе доби на локалните избори минатата година. Народот го ценеше нејзинот работење и даде единица. Тоа не ја освести, па најверојатно си рече „ај добивме кец на прво полугодие, ќе го поправиме до јуни”. А јуни еве го! „Кецот од полугодие” се уште стои во дневникот.
Затоа, наместо таа да оценува, Владата во најскоро време треба да си побара самата оценка – од народот. Нека прифати дека се нужни избори, па во кампања нека објасни што работела. Народот ќе оцени. Ако мнозинството одлучи да и даде „преодна”, веднаш да засука ракави, да се зафати сериозно со решавање на проблемите, со кадарни луѓе и нека оценува тогаш таа. Доколку народот и ја потврди единицата и на „крајот на година”, тогаш е јасно дека „кецаш“ не може други да оценува.