Колумна на Габриела Арсова:
Знаењето е сила, знаењето е моќ! Точно така! И така треба да биде! Ама како? Што ми е поентата? Епа вака…. На кој начин знаењето е сила, како со знаење (и умеење) би требало да се стане моќен? Што е тоа што реално му е потребно на човек за да се чувствува „свој“? Едноставно е: човек се чувствува моќен кога по стекнувањето на образование и квалификации, ќе најде РАБОТА за својата специјалност, што ќе се рече ќе се ВРАБОТИ, РАБОТИ по струка, а за својата работа ќе добива соодветна награда, надокнада – ПАРИ. Ете така! Тоа е! Независно дали станува збор за знаење и умеење да се поправи чешма, да се покрие куќа или да се проектира мост!
Човек кој е професионално реализиран, добро платен, кој може да ги задоволи своите потреби, потребите на своето семејство, се чувствува сигурен , силен и моќен. Вака некако би требало да биде, вака некако е и таму каде бегаат нашите сограѓани за да заживеат нормално. Така функционира секое нормално и здраво општество какво велиме дека сакаме да станеме. Но се случи се она што се случи. Имаме ли доволно квалификувана работна рака? Може ли општеството да ги задоволи своите потреби? Заминува ли најквалитетниот кадар на школување, дошколување и трајно иселување? Се покажуваат ли успешни проектите самовработување? И впрочем кои се, каде се, функционираат ли механизмите кои треба да го воспостават балансот?
Во општества со правилно поставен однос кон вредностите сосема нормално е да се цени знаењето и стручноста на човека .Силата, моќта?!…Би се задржала на знаењето. Знаеме дека степенот на образованието, нивото на квалификациитетреба да се реален показател за знаењето и умеењето идека го дефинираатстепенот на стручноста на поединецот. Соодветно знаеме дека на едно општество потребен му е кадар од различен профил со различен степен на квалифицираност за да може да функционира нормално. Знаеме дака така некако би требало да е и кај нас, но знаеме и дека не е. Благодарение на нас самите!
Ние едноставно какода заборавивме дека сите нивоа на стручност се потребни и како да не знаеме дека посериозните нарушувања во соодносите секако се рефлектираат врз функционирањето на општеството во целост. Процентуалната застапеност на степените на образование би требало да зависи од организацијата и степенот на развиеност на општеството.Кој како знае и умее да си се снаоѓа?!? Нема никаков дури ни обид да се направи синхронизација меѓу потребите од кадар и понудата на кадар. Ниту пак да се создаде потребата од кадар.
Но, она што нема да го стори системот, ќе го направат околностите, ќе го направи пазарот. Ќе се школуваат по вертикала тие кои чувствуваат внатрешен порив за надградба , а нужно ќе се потсетиме на квалификувањето и по хоризонтала… Почит кон професии? Заработувачка? Времето , чинам, веќе го прави своето во полза на потребното!