Опозицијата бара предвремени избори: Институциите се на колена, изборите се решение

Нов бран на барања за предвремени парламентарни избори дојде од редовите на опозиционите партии по вчерашното повторно недобивање на датум за почеток на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ. Опозиционерите сметаат дека во ваква ситуација единствено решение се предвремени парламентарни избори.

-Во ваква ситуација кога се има разрушен систем и институции на колена мора да се преземе нешто и предвремените избори се единствено решение. Би било неодговорно ако гледате дека државата оди во погрешна насока, дека власта нема стратегија, тогаш единствено ни останува како општествено одговорна партија да понудиме решенија, рече синоќа лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски.

Според него потребна е влада која може да се справи со предизвиците, да ги решава проблемите, да се справува со надворешните влијанија.

Барање за нови предвремени парламентарни избори дојде и од редовите на БЕСА.  Секретарот на оваа партија Аднан Азизи ги повика владејачките партии да отворат пат за предвремени парламентарни избори откако Македонија не успеа да добие датум за отворање на преговорите со ЕУ. Тој рече дека владата е делегитимирана и дека треба веднаш да се одржат парламентарни избори во Македонија.

-Датум… интеграциите… ЕУ… процесот нè заглупуваше со празни пароли, а всушност тоа беше да се изнуди опстанок на власта до последен момент. Нема датум – власта е делегитимирана, затоа предвремени избори ден порано, инаку овие можат само да не одведат во бездна, напиша Азизи на својот Фејсбук-профил.

Напоредно со ова, реакција имаше и меѓу пратениците на партијата Алтернатива која неодамна влезе во владина коалиција.

-Нема потреба да бидеме во власта доколку нема почеток на преговорите и ревизија на судски случаи. Во случај да имаме изјава од ЕУ дека нема да има воопшто почеток на преговори без договор со Бугарија, верувајте дека таа одлука треба да се преиспитува во органите на партијата. Во најкраток рок треба да побараме од ЕУ да направи комисија во име на ЕУ или на одредени држави во кои демократијата е на чело, да дојде и да ги преиспита сите можни монтирани случаи. Ако и тоа не се случи, верувајте, апсолутно нема никаква потреба, јас лично, а верувам и органите на Алтернатива, да бидат дел од власта, изјави пратеникот Скендер Реџепи за ТВ 24.

Инаку, врзано со односите со Бугарија Мицкоски рече дека треба да се бара реципроцитет во односите со оваа земја.

-Ако ние треба да ја заслужиме почита на соседите и тие ќе треба да ја заслужат нашата почит. Ако Бугарите бараат промена на Устав, тогаш и тие тоа да го направат. Нема никаков проблем, оние граѓани кои што се чувствуваат како Бугари да бидат дел од Уставот, тогаш ние имаме право да бараме Македонците во Бугарија да го добијат она кое што им припаѓа и кое што им е досудено од Судот за човекови права во Стразбург и каде што е донесена резолуција од страна на европскиот Парламент дека тие може да си имаат своја засебна култура, свои засебни обичаи и тоа да го презентираат и да бидат дел од бугарскиот Устав. Ако тие бараат да го смениме нашиот, нека се потрудат и тие да го сменат нивниот. Тоа е суштината на реципроцитет, дециден беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходна вестЗа 6 дена полицијата заплени 450 килограми марихуана, стана ли Македонија крстосница за шверцот?
Следна вестМоже ли во Македонија да се заживее нормално?