Едно од можните сценарија во однос на вакцинацијата против ковид-19 е здравствените власти да дадат препорака и за трета доза, но и вакцината да стане сезонска, најави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој се надева дека интересот за имунизација нема да спласне и ќе се одржи ова ниво.
-Едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза вакцина, следно можно сценарио е ова да премине во сезонска вакцинација. Очигледно нема да запре трендот на појава на нови соеви и многу веројатно е дека делта-сојот нема да биде последниот сој на овој вирус. Тоа значи дека предизвиците остануваат и понатаму, изјави Филипче во Гевгелија.
Моменталната состојба тој ја оцени како прилично мирна. Иако има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти, според министерот, важно е што засега нема притисок врз болниците и амбулантите. На Инфективната клиника во моментов се лекуваат околу 15 пациенти.
Сепак, Филипче предупредува дека можно е да има влошување на ситуацијата и да продолжи трендот на зголемување на бројот на нови случаи. Во зависност од состојбата ќе се разговара и за евентуално воведување на рестрикции кои прво ќе бидат насочени кон невакцинираните.