Посебна Комисија која ќе го проучува статусот на Православната црква на Украина којашто доби автокефалност од Вселенската патријаршија е формирана денеска во рамките на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. На денешното заседание во работен состав Светиот архијерејски синод разгледа повеќе прашања и настани поврзани со актуелниот црковен живот.
-Синодот посвети сериозно внимание на проучување на украинското црковно прашање и формира Комисија која ќе го проучи статусот на Православната Црква во Украина која што доби автокефалност од Вселенската Патријаршија. Претседател на Комисијата е Митрополитот Брегалнички г. Иларион, а потпретседател е Епископот Дељадровско-илинденски г. Јоаким. Истата Комисија има за цел да го проучи и проблемот со именувањето на нашата Света Црква со елинофонските Цркви, се наведува во синодското соопштение.
До ова доаѓа откако Дебарско-кичевскиот владика Тимотеј неодамна изјави дека ставот на МПЦ-ОА околу Православната црква во Украина ги забавил разговорите со Вселенската патријаршија околу признавањето на нашата црковна автокефалност.
-Преговори, договори и разговори не се прекратени со цариградскиот трон, со Вселенската патријаршија, но има некои прашања коишто ние во овој момент не можеме да ги прифатиме од каноски аспект гледано, а тие пак инсистираат на нешто што е според нас и според канони неприфатливо во овој момент и затоа се можеби во една стагнација тие преговори, вели владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ-ОА за ТВ Телма.
Прашан што е тоа што е неприфатливо за МПЦ-ОА, владиката Тимотеј, рече дека тоа е Украинската православна црква, која што ја призна Вселенската и ја признаа уште три други грчки цркви.
-Украинската православна црква е неканонска црква. Хиротонисани се без благодатна, изјави г. Тимотеј кој тогаш најави дека наскоро ќе дојдат претставници на Цариградската патријаршија и од Грчката православна црква.
Минатата година во САС на МПЦ-ОА донесе одлука со која одлучи да не сослужува со ПЦУ.
–Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА одлучи да не сослужува со јерархијата на Православната Црква во Украина, до конечно решавање на нејзиниот статус во полнотата на Православието, беше тогаш соопштено.
Ваквиот став на македонските владици предизвика проблемите во односите со Вселенската патријаршија од каде, според сознанијата, поставија неколку услови за да се деблокира процесот на давањето на автокефалноста на МПЦ-ОА. Напоредно со ова, од страна на дел од македонските владици во јавноста се даваа различни изјави околу тоа кои се условите. Така, пред неколку месеци, преспанско – пелагонискиот митрополит Петар преку телевизија соопшти дека Вселенската патријаршија поставува ултиматуми коишто се неприфатливи. Според владиката, условувањата се однесуваат на прашањето на употребата на името на Македонска православна црква – ОА, но и за други работи.
– Вселенската патријаршија бара ерга омнес за името на МПЦ-ОА и никаква изведба на името Македонија, македонска, бара да се самооткажеме од името Македонија, македонска. Нас не не интересира како некој ќе не нарекува и како некој ќе ни дава пусулче што сме и како сме. Нас не интересира дали некој нам ни забранува да се именуваме како Македонска православна црква- Охридска Архиепископија Јустинијана Прима. Ако некој ми забранува тоа, мене од него не ми треба ништо. Ни томос, ни ова, ни она, ништо. А ако некој не ми го забранува тоа, а сака да не именува како Охридска Архиепископија, како Јустинијана Прима или како Македонска црква тоа е негово право. Од нас се бара, конкретно од Цариградската патријаршија ние да не се именуваме никаде и да не кажуваме дека сме Македонска православна црква, потенцира владиката Петар.
За разлика од него, европскиот митрополит Пимен неодамна изјави дека Условите за конечниот Томос од Вселенската патријаршија „ни оддалеку не се толку страшни како што некој ги пласира во јавноста“. Тој додава дека Томосот кој е добиен од страна на Српската православна црква е препорака и претставува половина од изодениот пат на нашата Црква кон автокефалноста. Конечниот Томос, според него, треба да го даде Вселенската патријаршија.
-Ние им благодариме на СПЦ за пружената рака, за прекинот на изолацијата преку сè почестите сослужувања, за надминатите децениски недоразбирања и за писмената препорака до целиот православен свет да го прифати нашето афтокефално постоење, односно документот кој тие го нарекоа Томос. Но не треба тука да се застане. И покрај разногласието во Синодот на МПЦ- ОА, јас верувам дека до добивањето на конечниот Томос од Вселенската патријаршија никогаш нема да престане дијалогот со Цариград, бидејќи не би требало да бидеме задоволни со половични решенија. Но, ќе треба многу време за да се соберат сите расфрлени пердуви во јавноста за „непристојните предлози“ од страна на Цариград за крадење на дијаспората, за откажување од вековното име…, рече митрополит Пимен.