Светот се соочува со нови закани како конфликти, тероризам, насилен екстремизам, ризици од нови технологии, кршење на човековите права и климатски промени. Ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици и потребна е ефикасна мултилатералност за обезбедување на меѓународен мир и безбедност, порачал министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на Самитот на иднината на Интерактивниот дијалог на тема: „Зајакнување на мултилатерализмот за меѓународниот мир и безбедност“, во рамки на 79. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
– Самитот на иднината претставува можност за зајакнување на глобалното владеење и одговор на актуелните и идните предизвици. Пактот ни нуди траекторија за глобални акции и отвора пат за засилување на мултилатерализмот, истакнал Муцунски во обраќањето.
Воедно, тој нагласи дека иднината треба да биде предвидлива, просперитетна и без страв, нагласувајќи дека злото од војна и конфликти мора да остане во минатото.
– Денес имаме уникатна шанса да ја зајакнеме нашата мултилатерална агенда и глобалните системи, усогласувајќи ги на предизвиците со кои се соочуваме во областа на меѓународниот мир и безбедност. Утре веќе е наша сегашност, додал Муцунски, истакнувајќи ја подготвеноста активно да учествуваме во напорите за зајакнување на мултилатерализмот.
Министерот Муцунски ја истакнал и потребата за промовирање на мултилатерални решенија засновани на Повелбата на ОН, почитувањето на човековите права, владеењето на правото и демократијата, како клучни дипломатски алатки.