– Најостро го осудувам инцидентот на вчерашниот натпревар помеѓу кошаркарските клубови ‘МЗТ Скопје Аеродром’ и ‘Чаир’, настан што кај сите нас предизвика сериозна загриженост. Насилството во спортот не само што го поткопува духот на натпреварувањето туку и ја загрозува безбедноста на спортистите и навивачите.
Кошаркарите на МЗТ и целиот стручен штаб се нашите спортски херои, а браќата Дамјан и Војдан национални кошаркарски легенди. Гарантирањето на нивната безбедност и овозможувањето на фер игра се наша обврска и задача. Дополнително, одговорност и задача на сите нас, како заедница и општество е да промовираме спортска култура, меѓусебно почитување и здрава конкуренција.
Имајќи ја предвид сериозноста на вчерашниот инцидент, неопходно е Кошаркарската федерација и останатите надлежни институции да ги преземат сите неопходни мерки за негово целосно расчистување. Во иднина сите заедно да работиме на спречување на секоја форма на насилство и агресија на спортските терени, стои во објавата на градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Ова следи по безбедносниот инцидент на вчерашниот натпревар, кој беше прекинат поради напад од неофицијални лица врз тренерот и играчите на „МЗТ Скопје Аеродром“.