Мукаетов: Продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“

Денес „Алкалоид“ е меѓу водечките фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа, со близу 2.700 вработени, со продажба во околу 50 земји и со добро распространета продажна мрежа од 21 канцеларија во 15 земји, истакнува во интервју за српски „Профит“, генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов. Како крајна цел на која се фокусирани вели дека е Глобализација на брендот „Алкалоид“.

Тој уште еднаш повтори дека за успехот на компанијата најзаслужни се неколкуте генерации на работници кои работниот век го поминале во „Алкалоид“

– Успехот на „Алкалоид“ се заснова, пред сè, на квалитетниот кадар кој работи во компанијата, квалитетот на брендот „Алкалоид“ и на нашите поединечни брендови, кои ги граделе генерации алкалоидовци со години. Во својата долга историја „Алкалоид“ минал низ многу кризи, но секогаш покажувал отпорност и брзо приспособување кон промените. Можеби клучни во контекст на успешниот развој се зборовите посветеност и напорна работа. Во моментов „Алкалоид“ е компанија од 2.700 семејства и секој член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да расте и да се развива. Гордо, самоуверено и посветено продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот „Алкалоид“, притоа строго водејќи сметка за етичките стандарди, кредибилитетот и за професионалниот пристап во целокупното работење, вели Мукаетов.

Во интервјуто, нагласува и дека една од особеностите на 87-годишното постоење на „Алкалоид“ се инвестициите.

– Една од фактичките константи низ 87-годишното постоење на „Алкалоид“ се инвестициите. Во последните 3 децении интензивно ги насочивме нашите инвестиции кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар. Фармацевтската индустрија се смета за многу динамична, па затоа инвестициите се неопходен предуслов за градење модерно и конкурентно портфолио, кое ќе придонесе за подобро позиционирање и за подобри пласмани со фокус на странскиот пазар.

Само во последните 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан нѐ прогласи за водечки инвеститор.

До крајот на годината очекуваме да го довршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно поголем обем и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми, истакнува Мукаетов.

Освен во земјите од регионот Мукаетов истакнува дека производите на Алкалоид се извезуваат и во  Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, а Канада, Италија, Австрија, Шпанија, Португалија, Монголија и Саудиска Арабија се новите пазари во последниот период. Како крајна цел на која се фокусирани Мукаетов вели дека е Глобализација на брендот „Алкалоид“.

Претходна вестЧадеж: Од 1 јули ќе почне да функционира отворениот пазар на труд меѓу Србија, Албанија и Северна Македонија
Следна вестРеакција на Ромалитико и Аваја: Наместо затворска, полицаецот кој тепаше Роми во Битола доби условна казна