Македонско МВР во почетокот на 2024 година потпиша Меморандум за разбирање со Фондацијата Амбер Алерт Европа и со тоа и нашето Министерство и држава се дел од ова кампања и систем за случаи поврзани со исчезнати деца.
-За Меѓународниот ден на исчезнати деца, Амбер Алерт Европа, Европскиот центар за исчезнати деца почна со кампањата „Проверете. Размислете. Пријавете“. Оваа иницијатива, насочена кон родителите и негувателите, овозможува сеопфатни совети „чекор-по-чекор“ што да прават во случај на исчезнато дете. Кампањата ќе почне заеднички во 16 земји, од министерствата за внатрешни работи, националните полиции и водечките непрофитни организации посветени на заштита на децата. Името на кампањата го дефинира нејзиниот основен совет: „Проверете“ за да го потврдите отсуството на детето. „Размислете“ за да се потсетите на најважните детали и да ја процените ситуацијата и „Пријавете“ за да ги алармирате надлежните итно, информира денеска МВР.
Се додава дека годишно, илјадници семејства ширум светот ја доживуваат траумата од исчезнато дете. Во такви моменти, информираноста какви чекори да се преземат е многу важна.
Препознавајќи ја оваа потреба, Амбер Алерт Европа соработуваше со експерти од областа на исчезнати личности за да ја развие кампањата „Проверете. Размислете. Пријавете“.
-Секоја година, 300.000 деца исчезнуваат во Европа. Кампањата „Проверете. Размислете. Пријавете“ е клучна пресвртница во нашите постојани напори да ги заштитиме децата и да ги поддржиме семејствата во време на такви кризни ситуации. Нашата цел е да го подобриме времето на реакција и да ги зголемиме шансите за безбедно и брзо повторно обединување на исчезнатите деца со нивните сакани и најблиски, вели Френк Хоен, претседател и основач на Амбер Алерт Европа.
Кампањата „Проверете. Размислете. Пријавате“ ќе биде споделена во Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешката Република, Италија, Литванија, Малта, Холандија, Република Северна Македонија, Полска, Португалија, Словенија, Шпанија и Обединетото Кралство.
Амбер Алерт Европа, Европски центар за исчезнати деца е фондација која се стреми да ја унапреди заштитата на исчезнати деца и да превенира исчезнување на деца преку нивна едукација и создавање свест за темата на исчезнати деца и основните причини за нивно исчезнување. Амбер Алерт Европа поврзува експерти од над 45 владини организации, попрецизно министерства за внатрешни работи и полиции и невладини организации од 28 земји со крајна мисија нула исчезнати деца во Европа.