МВР гледа ли: Чекањето за вадење лични документи се претвора во мачење, нешто мора да се смени!

smart

Долга редица на граѓани и утрово иако е ладно и дождливо беше построена пред полициската станица „Пролет“ во Скопје за да дојдат на ред за вадење на пасоши и други документи. Надвор, со чадори, со часови, чекаат луѓе…

Многу, многу неубава слика.

Оние кои од рано утрово застанаа во редицата, освен што измрзнуваа, истовремено и накиснуваа од студениот дожд. Нервозата и незадоволството меѓу граѓаните е голема. А редицата, како што се увери и нашата новинарска екипа се движеше мошне бавно.

И вака е секој ден откако пред неколку недели стартуваше овој пункт на МВР каде граѓаните ги менуваат личните документи откако власта даде ултиматум дека до февруари секој во личните карти и пасоши мора да го има омилениот збор на Владата – „северна“. 

Зарем ваквите тешки и непријатни услови за граѓаните ќе останат и во наредниов период? Па идат минусни температури…

Нешто навистина треба да се смени околу ова. Дефинитивно е неприфатливо во редиците да стојат и постари луѓе и оние кои се со нарушено здравје и оние кои мора да се на работа и оние…

Зошто не се пролонгира ултимативниот рок кој го даде МВР?

Сега е определено патните исправи да важат до 12 февруари и по што веќе не ќе им бидат валидни (а знаеме за се што треба во секојдневниот живот да имаш личен документ). Со продолжување на рокот, а што е лесно и правно можно (затоа што всушност документите и си имаат долг важечки рок на валидност), граѓаните ќе си направат распоред на итност и во наредните година – две ќе си ги менуваат документите без гужви и дополнителни понижувања. 

МВР треба да одговори зошто не носи таква одлука кога веќе е очигледно дека голем дел од граѓаните нема да стасаат да ги земенат документите до февруари, а за тоа не сносат вина затоа што ако се јавиш сега во полиција за да добиеш термин за промена на документите ќе ви закажат за во септември наредната година. Тој апсурд не е по вина на граѓаните.

Зошто граѓаните на сите други неубави – лоши работи кои се случуваат во Македонија и од ова да патат? Се може да се реши ако само власта свати дека ултиматумот треба да се смени.

Претходна вестАвтобусите на ЈСП „Скопје“ утре ќе сообраќаат по неделен возен ред
Следна вестСе бара разрешување на скопски обвинител, неоправдано не постапувал по предмети во пропишаните рокови