МВР мора да е будно: Какво време дојде роденден на Гоце Делчев со полиција да одбележиш…

На македонско-бугарските односи, очигледно, им претстои нова тензична фаза. Инцидентот со натепаниот Христијан Пендиков во Охрид се уште не е расчистен и добива нови контроверзи, а веќе се најавува нова закана за потенцијални инциденти. Овој пат структури од Бугарија кои се познати по негирањето на македонскиот идентитет најавуваат масовно доаѓање во Скопје на 4 февруари. Поводот им бил да се поклонат на гробот на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, на 151-годишнина од неговото раѓање. Презема ли соодветни мерки МВР за да не се случат несакани инциденти?

„Гостите“ кои сакаат да дојдат во Македонија веќе и одговорија на вчерашниот став на македонскиот претседател Стево Пендаровски.

-Пендаровски пред Советот за национална безбедност на Република Македонија изјави дека „не смеело да им се дозволи на луѓето од Бугарија да ја преминат границата за да одат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев“. Можам да ви кажам на сите – планирајте во сабота на 4 февруари да бидеме сите во Скопје, објави на својот профил на ФБ претседателот на бугарската фондација „Македонија“ Виктор Стојанов.

Од друга страна Александар Пандов од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека уште од утринските часови Македонци ќе бидат во црквата „Свети Спас“.

-Слушам дека разни негатори и бугарски инсталации се спремаат да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари. Јас и Патриотскиот институт на ВМРО ќе бидеме таму од раните утрински часови затоа што Гоце е Македонија, а Македонија е Гоце. Почитувајте го Гоце како Македонец роден во Македонија и никако поинаку, напиша Пандов на својот фејсбук-профил.

И Светскиот македонски конгрес апелира на масовно присуство на Македонците на 4 февруари во македонската православна црква „Свети Спас“.

-СМК ги поддржува сите Македонци кои околу црквата „Свети Спас“ ќе се собираат од 3 февруари, соопшти оваа организација.

Сето ова доволно зборува дека е можно на 4 февруари да се случи инцидент кој уште повеќе ќе ги наруши македонско-бугарските односи. Шефот на државата Стево Пендаровски вчера предупреди дека овој настан ќе биде ризичен.

-Според сите проценки тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува, рече Пендаровски.

Ете какво време дојде, Гоце Делчев ниту во гробот да нема мир, а и оние кои искрено сакаат да му се поклонат да бидат на штрек. Штета, а поранешниот премиер Зоран Заев потпиша (многу фален) договор за пријателство и добрососедство на Македонија со Бугарија. 

Сепак, сега е поважно грешки да не прави МВР. Македонската полиција мора да преземе се за да не се случат инциденти. Ќе има провокатори, ќе има вжештени глави… Но, има во МВР и стручни лица – нека си ја завршат работата. Секој евентуален инцидент ќе биде на штета на Македонија, затоа сето тоа треба да се спречи на време.   

Претходна вестСДСМ: Над 18 милиони евра за капитални проекти во образованието
Следна вестИзгорел во сопствениот дом, пожарот настанал од неизгасена цигара