Поголемите проверки од српска страна се причина за подолго чекање за влез во Македонија на граничниот премин Табановце, информира МВР.
Ова е поради прогласеното црвено ниво на безбедносен ризик од тероризам од страна на Србија по завчерашниот напад врз српски полицаец во Белград.
-Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека зголемениот временски период на чекање на ГП Табановце, за влез и излез од територијата на Република Северна Македонија е поради прогласеното црвено ниво на безбедносен ризик од тероризам во Република Србија.
МВР информриа дека граничните полиции на двете држави се во постојана комуникација со цел овозможување брз и непречен проток на патници и возила, но и соодветна контрола поради новонастаната состојба.
Пред два дена во Белград, со самострел нападнат беше припадник на Жандармеријата кој ја обезбедувал израелската амбасада. Истиот бил погоден со стрела во вратот, но успеал во самоодбрана да употреби огнено оружје и да го убие напаѓачот.
Според српските власти, нападот пред Израелската амбасада, во која во тоа време немало никого, е терористички акт.
Напаѓачот повеќе пати се приближувал до полициската куќа за обезбедување за да праша нешто, а потоа ја отворил вратата и го застрелал со стрела во вратот припадникот на Жандармеријата. Жандармот отворил оган во самоодбрана и го застрелал напаѓачот кој им подлегнал на раните.