МВР објави слика од лицето кое пукаше во Ист Гејт, повредените се уште во животнозагрозувачка состојба

Министерството за внатрешни работи (МВР) обезбеди фотографија од лицето кое со огнено оружје вчера пукаше кон две лица во трговскиот центар Ист Гејт Мол во Скопје при што тие се здобија со повреди и беа пренесени во болница за укажување помош.

-На фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го изврши кривично-правниот настан. Ги повикуваме сите граѓани доколку го забележат ова лице, имаат било какви сознанија за него или корисна информација која може да помогне во истрагата која СВР Скопје ја води во координација со Јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112, соопшти МВР

Инаку, двајцата повредени при денешното пукање во „Ист гејт мол“ сѐ уште се во животозагрозувачка состојба, потврдија за МИА, директорите на болниците каде беа оперирани, директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи.

Арсенков појасни дека едното лице е се уште ставено на апарат, на машина за дишење.

– Се работи за сериозни повреди. Следуваат испитувања. Уште е во животозагрозувачка состојба. Има прострелна рана во стомакот, во градниот кош, така да, многу е рано да даваме некои прогнози за тоа како ќе биде, изјави тој.

И директорот Јакупи, исто така, не можеше да даде каква било прогноза за состојбата на другиот пациент.

– Направена е опширна операција на градниот кош и на рамото, има повеќе прострелни рани, уште е во животозагрозувачка состојба. Ќе видиме како ќе биде. Ноќва ќе ја помине во шок соба на КАРИЛ, појасни Јакупи.

Досега е утврдено дека Раде Трајковски – Штекли и неговиот пријател Д.Т биле на фитнес во Ист Гејт а инцидентот се случил кога се симнувале кон гаражите на трговскиот центар.

Од снимката која беше испратена до медиумите, може да се забележи како едно лице во бел блузон го следи Штекли, откако започнуваат да се симнуваат по ескалаторот, поминуваат и случајни минувачи, а тогаш ладнокрвниот убиец тргнува кон нив и стрела.

По пукањето, егзекуторот бега во спротивен правец и поминува точно под безбедносната камера од која се објавени снимките. Тогаш го враќа пиштолот во џебот.

Претходна вестПроменливо облачно со повремени врнежи од дожд
Следна вестДетска болница во Козле прерасна во Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата