МВР за синоќешната потера во Велес: Двајца 18-годишни штипјани превезувале 23 мигранти, едниот нападнал полицаец

Тинејџери од штипско возеле во возилото кое со 23 мигранти синоќа по полициска потера излетало од патот и паднало во ископ во Велес, соопшти денеска МВР.

Во соопштението се наведува дека на 29.10.2023 во 20:30 часот на ул.„8 Септември“ во Велес, полициски службеници од СВР Велес во координација со полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово ги лишиле од слобода А.И.(18) од с.Стар Караорман, штипско и Т.Ј.(18) од Штип.

-Приведени се затоа што во товарното возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал А.И., а сопатник бил Т.Ј., биле пронајдени 23 лица мигранти од Сирија, од кои 10 малолетници, се наведува во информацијата.

Имено, околу 20:05 часот на автопатот А1, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово дале знак за запирање на возилото, но А.И. продолжил со движење и со возилото влегол во Велес и на ул.„8 Септември“ излетал од патот и со возилото паднал во ископ.

Притоа, со повреди се здобил еден малолетник, кој е пренесен во болницата во Велес. При приведувањето, А.И. физички нападнал полициски службеник.

По наредба на јавен обвинител, увид извршила екипа од СВР Велес, а по целосно документирање на случајот се најавуваат соодветни пријави.

Претходна вестМакедонија гласала „воздржано“ во ОН бидејќи во Резолуцијата не бил спомнат терористичкиот акт на Хамас
Следна вестЦепелин на соларен погон ќе направи круг околу светот