На 8 мај граѓаните на гласачките места ќе може да одат само еднаш

Само еднаш ќе може да се оди на избирачките места за гласање на двојните избори на 8 мај – парламентарните и вториот круг од претседателските избори. Ова е одлука која денеска ја донесе Државната изборна комисија со четири гласа „за“ и два „против“ со што го усвои Упатство за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот.  Упатството на предлог на тројца членови на ДИК го образложи Борис Кондарко кој посочи дека тоа ќе важи само во случаи кога има спроведување на два или повеќе различни видови избори и референдум во исти ден.

– Со ова упатство се предлага откако ќе го остварат своето избирачко право и откако по сопствен избор ќе гласаат или само за претседателски или само за парламентарни избори граѓаните потоа нема да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и за кои претходно не го искористиле даденото право за избор. Со ова предлог упатство избирачкиот одбор задолжително ќе ги прашува граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, а граѓаните имаат право да изберат и да се изјаснат за кој вид на избори ќе гласаат и тоа само за претседателски избори, само за парламентарни избори или и за претседателски и за претседателски избори, рече Кондарко.

Тој оцени дека со регулирањето дека граѓаните можат само еднаш да дојдат на гласачкото место и со можноста според лична желба да се определат за кој вид на избори сакаат да гласаат не се прави никаква дискриминација на правата за слободен избор и определбата на граѓаните, односно не се ограничува или не се намалува нивното право на глас.

-Напротив, посочи, со ваквото упатство се штитат правото и слободното определување на граѓаните и се штитат самите граѓани од можни манипулации, притисоци и злоупотреби на нивната волја. Истовремено, не само што не се ограничуваат правата на гласачите, туку истите права се штитат од страна на ДИК затоа што се елиминираат и секакви можности некој да ги евидентира граѓаните кои дошле на гласачките места да ги проверува за кој вид на избори гласале и потоа евентуално во текот на денот да ги тера повторно да излезат и да гласаат за друг вид на избори. Со ваквото решение ќе се оневозможат гужвите и чекање на ред за гласање пред гласачките места што би било случај доколку граѓаните доаѓаат по два пати во текот на денот да гласаат, рече тој.

Во текот на расправата, мнозинството во ДИК не го прифати предлогот на членот Бобан Стојановски на гласачите да им се овозможи во текот на денот повторно да се вратат и да гласаат. Тој објасни дека сега има технички услови, односно со уредите за биометриска идентификација постои можност гласачот да биде идентификуван за секој вид избори одделно и да може ова право да го оствари во текот на целиот изборен ден.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски, пак, посочи дека треба да се поддржи предлогот на Стојановски укажувајќи на преземените обврски во нашиот Устав од меѓународните документи на кои сме потписици – Универзалната декларација за човекови права и Европската спогодба за човековите права.

-Доколку се земе во предвид Универзалната декларација за човекови права која предвидува дека секој може да гласа под еднакви услови и дека никој не може да му ограничува гласање тогаш не знам дали може воопшто да постапиме вака бидејќи имаме опција, сега опцијата е со отпечаток од прст, рече Даштевски.

Претходна вестСДСМ направи „Коалиција за европска иднина“ со уште 12 партии и едно движење
Следна вестПет лица ќе се гонат за обид за убиство во Скопје