Го заколнуваме поколението, овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија. Ваква гласел заветот на ковчегот со посмртните останки на големиот македонски револуционер, идеолог и ушител Гоце Делчев.
Сето тоа е исполнето на денешен ден, 10 октомври во 1946 година. Тогаш, во предвечерјето на прославата на 11 Октомври, Денот на македонското востание против фашизмот и окупаторите, останките на Делчев се положени во Скопје, во мермерниот саркофаг во дворот на црквата „Свет Спас“ во Старата скопска чаршија.
На ова му претходело тридневното носење на ковчегот со останките на апостолот на македонската борба од страна на Македонците – на 7, 8 и 9 октомври – од Софија преку Пиринска Македонија, Струмица, Штип па до Скопје. Со погребувањето во македонска престолнина и Гоце Делчев го најде својот мир по животот кој го положи на олтарот на борбата на македонскиот народ за слобода.
Тогаш, всушност, по неговото херојско загинување во борба со аскерот на 4 мај 1903 година во селото Баница, свој траен мир го најдоа и неговите посмртни останки кои цели подоцнежни 43 години немале трајно почивалиште.
Македонскиот народ ги чувал како скапа реликвија коските на Гоце Делчев цели 43 години. Најголема заслуга за тоа имале македонскиот деец Михаил Чаков и Илинденската организација. По битката кај Баница, со дозвола на турските власти, Гоце Делчев бил погребан во серксата општина заедно со Димитар Гуштанов. Во 1906 година, Чаков и Таската Спасов Серски тајно го откопуваат гробот и посмртните останки ги предаваат на клисарот на црквата „Св. Никола“, Никола Мутафчиев, кој изработува сандаче за коските и ги сместува под престолот во црквата при што сите биле заколнати да ја чуваат тајната на сандучето.
Во текот на Првата светска војна Баница настрадала, а Чаков ги прибрал коските во Ксанти. Потоа ги пренесува во Пловдив и Софија. Чаков ја чува тајната се до август 1923 година, кога коските на Делчев биле изложени во црквата „Св. Недела“ во Софија. Откако биле сместени на таванот на црквата, Илинденската организација ги превзема во нивниот дом во Софија каде коските на Делчев биле сместени во саркофаг.
На предната страна била испишана заклетвата на македонските генерации, коските на Гоце да бидат пренесени во престолнината на Македонија. Аманетот бил исполнет дури во 1946 година.
По ослободувањето, македонските власти бараат од Националниот комитет на Сојузот на македонските братства во Бугарија согласност посмртните останки на Гоце Делчев да се пренесат во престолнината на Македонија. Откако било прифатено барањето, биле извршени посебни подготовки за тоа.
По поклонението на 4 октомври 1946 година од македонскиот и бугарскиот народ, Гоцевите останки со посебна делегација и почесен одред, предводен од генералот Кирил Михајловски – Груица биле испратени од Софија. На церемонијата на ипраќањето присуствувале околу 2.000 Македонци. Поминувајќи низ Пиринска Македонија, народот насекаде масовно му оддаваа последна почит на саркофагот на Делчев. Тоа беше една трогателна манифестација, во која народот ја покажа својата верност кон идеалите на Делчев.
Свеченото пренесување на коските на Гоце Делчев од Софија во главниот град на НР Македонија, Скопје, преставуваше историско симболичен акт. По тој повод беа одржани бројни манифестации. На свечената академија во Скопје, одржана на 7 октомври 1946 година, за значењето на испраќањето на посмртни останки на Гоце Делчев во Скопје, како и за неговото животно дело говореше бугарскиот академик Тодор Павлов, еден од тројцата регенти на Царството Бугарија (1944 – 1946). Во својот говор Павлов тогаш рече и следното:
– …Гоце, кој со целата своја револуционерна дејност и сфаќања, практично, вонредно многу придонесе за формирањето и развојот на македонската национална свест… Македонија може да биде, треба да биде и ќе биде, најпосле, обединета во своите природни историски граници. А така обединета, силна, слободна, суверена и во секој однос напредна, таа навистина ќе стане силна соединувачка алка меѓу балканските словенски и другите демократски народи – славна историска улога која и беше предназначена уште од времето на нејзиниот бесмртен син Гоце…, рече академик Павлов.
Манифестациите ја достигнале својата кулминација на 10 октомври 1946 година, кога останките на Гоце пристигнале во престолнината на македонската држава. Коските биле положени во црква „Св. Спас“, а подоцна бил изработен монументален мермерен саркофаг во кој почиваат земните останки на Гоце Делчев, а чие почивалиште секоја година е место на македонско собирање и на завети за зачувување на македонската држава и на македонската самобитност.