Промовирано „Движењето за наша Македонија-ЗНАМ“: Максим Димитриевски ќе ја враќа земјата на вистински пат

Со потпишување на иницијативата за формирање на партијата од претставниците на 10 граѓански здруженија синоќа во Скопје се промовираше намерата за формирање на новата партија „Движењето за наша Македонија-ЗНАМ“. Иницијаторот на движењето и негов иден претседател Максим Димитриевски, кој е актуелен градоначалник на Куманово, најави дека веќе од утре ќе почнат со собирање потписи, со цел што поскоро да се регистрираат како нов политички субјект и веднаш да почнат со работа. „Од граѓаните за граѓаните“ е мотото на оваа партија која е во процесот на  формирање

-Основна цел ни е да ги обединиме граѓаните и да ја вратиме земјата на вистинскиот пат, на темелите на нашата државност. Нашата основа цел е да се вратиме на темелите на нашата државност, тоа што во континуитет го газат. Илинденците и АСНОМ-ците ќе ни стојат како сенка, а ние ќе газиме напред заедно со граѓаните на Македонија и притоа нема да делиме никој, ниту по вера, ниту по етнос, ниту пак по припадност, туку ќе бидеме обединети сите за Македонија. Но, притоа на тој пат ќе мора и да учиме особено ние Македонците, да учиме од нашите сограѓани Албанци да постигнеме национален консензус на македонскиот народ во оваа држава. Инаку, ако не го направиме тоа ќе не нема драги мои пријатели. Бидејќи како што велат, ножот е дојден до коска, рече Димитриевски.

Целта, посочи тој, не е да бидат во опозиција, туку да ја освојат власт, а првиот чекор што ќе го направат од таа позиција ќе биде поништување на Кривичниот законик кој беше донесен со „европско знаменце“.

Пред присутните на свеченото потпишување на иницијативата се обрати и генерал мајор во пензија Павле Арсовски, кој изрази уверување дека движењето ќе ги собере на едно место сите способни, несебични и непоткупливи патриоти, граѓани кои си ја сакаат државата. Движењето, рече тој, ќе ги артикулира барањата и потребите на граѓани и ќе ја гради Македонија како дом на просперитетни, задоволни луѓе.

Професорката Катерина Тодоровска порача дека е потребно државата да ја вратат на колосекот на нормална држава, а тоа може да се постигне преку обезбедување одлично образование, со доаѓање на вистински кадри на вистинските меса и посветна работа.

-Прво обврски, па привилегии, порача Тодоровска.

Претходна вестМВР подготвува нов пункт: Лични документи ќе може да се вадат и без закажување
Следна вестНа денешен ден исполнет е заветот: Коските на Гоце Делчев погребани во главниот град на слободна Македонија