Нов посебен простор во Градот Скопје во којшто граѓаните ќе можат да вадат нови лични документи без претходно јавивање и закажување подготувава МВР. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во синоќешното интервју за „360 степени“ рече дека просторот треба да биде во функција за околу десетина дена. Тој додаде дека ова се прави со цел да се овозможи во предвидениот рок да се заменат сите лични документи на кои ќе стои новото уставно име на државата Република Северна Македонија.
-Досега според нашата евиденција околу еден милион граѓани имаат документи со новото име на државата. Ние веќе подготвуваме еден посебен простор во Градот Скопје со инсталирање нови работни позиции, нови работни станици, на кои граѓаните ќе можат да извршат дактилоскопирање, сликање итн. за новите лични документи. Веќе во наредните денови ќе бидеме подготвени и ќе можеме да ги отвориме новите позиции во кои граѓаните ќе можат дури и без најава да дојдат и да ги менуваат своите документи, рече Спасовски.
Министерот за внатрешни работи е убеден дека сите граѓани ќе успеат да ги заменат своите лични документи со нови со новото уставно име до истекот на рокот во февруари в година. Тој посочи дека еден од проблемите со кои што се соочуваат е тоа што дури 70 отсто од закажаните термини не се почитуваат, односно граѓаните не доаѓаат во закажаното време и потоа повторно се јавуваат на телефонскиот број да добијат нов термин.
Рокот за промена на документите истекува во февруари, а службите во МВР сега даваат термини за менување на пасоши дури во јули следната година.
На прашањето дали е фер, дури и да имало објективни околности, граѓаните да ја плаќаат цената, Спасовски одговори дека така кажуваат правните документи, меѓународните договори и домашните законски измени.