Волкот кој вчера беше заловен во скопската населба Козле најверојатно бил незаконски чуван во урбана средина, а надлежните институции веќе работат на расчистување на случајот.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, остро реагираше по инцидентот, оценувајќи дека станува збор за сериозна неодговорност и опасност за граѓаните.
„Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина“, изјави Ѓорѓиевски.
По заловувањето, волкот бил безбедно транспортиран, а во моментов за него се грижат службите на Зоолошката градина во Скопје.
Од институциите се очекува да утврдат како дивото животно било чувано и кој е одговорен за случајот.
Ѓорѓиевски порача дека во градот мора да се почитуваат законите и животните да се третираат со грижа, а не како средство за нечие изживување.



